Славица Стојанова од Штип приказните за деца ги раскажува со каменчиња


Во услови кога во земјава има посебни мерки најтешко им е на децата од претшколска возраст да им објасниш дека надвор не може да се шета или да се игра по парковите, кога тие ќе посакаат. Но, родителите велат дека спас и можност да се задржи вниманието на децата во домашни услови нашле на платформата Е-занимална, на којашто воспитувачките од детските градинки во земјава поставуваат приказни, кои тие им ги раскажуваат со помош на кукли, сликовници.

Но, воспитувачката Славица Стојанова од детската градинка „Астибо“ – Штип има друг и би рекле покреативен начин на презентирање на приказните. Приказната за „Волкот и трите прасиња“ на оваа платформа можете да ја видите раскажана не преку слики или кукли, туку со помош на каменчиња. Стојанова во разговорот за МИА вели дека пандемијата сите нè стави во вонредна состојба, но и во вонреден режим на работа.

– Одеднаш животот се промени, за жал на полошоедно нешто сфатив, дека и во вакви услови, ние, воспитувачите, не смееме да се откажеме од својата професија за која директно сме повикани од децата. Развојот и унапредувањето на воспитанието и образованието кај децата од предучилишна возраст мора да продолжи. Знаеме дека градинките, како организирани воспитно-образовни институции, овозможуваат непосредно дружење на децата, игра и меѓусебна комуникација со врсниците, која има огромно значење во формирање на личноста на детето. Дури и најдоброто организирано семејство не може во целост да ја замени градинката и да ги задоволи желбите и потребите на детето, кои директно произлегуваат од неговата природа, вели Стојанова.

Уникатините каменчиња ги поттикнуваат фантазијата и говорот кај децата

Стојанова има 13 години работно искуство во детската градинка „Астибо“ – Штип. Посочува дека децата имаат потреба од група на врсници и активно дејствување со нив низ игра, а токму платформата Е-занимална е некаков обид воспитувачите да останат во контакт со децата. Но, и да им се дадат насоки на родителите, како можат поефективно и покреативно да ги поминат деновите со своите деца во карантин.

– На платформата имам снимено две активности од доменот развој на говорот кај детето. Тоа се приказната „Волкот и трите прасиња“ и драматизација на текстот „Кавга“. Приказната „Волкот и трите прасиња“ е раскажана преку илустрирани каменчиња, техника на раскажување којашто јас често ја користам во работата со децата во градинката. Каменчињата сами по себе како природен материјал се привлечни за децата, а кога се илустрирани со ликови од ним познати приказни тие стануваат дидактичко средство за поттикнување на фантазијата и развој на говорот кај детето уште од најрана возраст. Втората активност е драматизација на текстот „Кавга“ со ѓињол-кукли во која давам поттик за развој на критичко мислење кај децата од предучилишна возраст, рече Стојанова.

Креативната воспитувачка илустрираните каменчиња постојано ги користи во нејзината работа со деца. Таа за МИА објаснува како оди процесот на цртање, но и да се реализира целата приказна со нив.

– Потребно е едно извесно време да се нацртаат. Она на што треба да се внимава е ликовите во приказната. Тие да бидат јасно исцртани, какви емоции претставуваат или каква улога имаат во приказната. Потоа, колоритноста и боите што ги употребувам. Да имаат јаки тонови. Местото каде што се одвива приказната, сценографијата да не биде премногу натрупана со детали, кои непотребно би им го одвлекле вниманието на децата, а кое треба да биде насочено на приказната раскажана од каменчињата, вели Стојанова.

Во разговорот за МИА ни открива дека има илустрирано уште неколку познати приказни на каменчиња.

– Но, имам креирано и каменчиња со ликови, предмети и појави што не се поврзани. Рандом им се даваат на дечињата и тие самостојно креираат своја приказна. Ваквиот начин има важна социјална компонента, бидејќи секое дете се надоврзува на приказната на своето другарче. Исто така, кај детето ги развива мотивацијата, концентрацијата, толеранцијата, детето се соочува со туѓите и сопствени емоции и се оспособуваат за нивно препознавање, па дури може и да послужи како терапевтско дејство во справувањето со трауматични ситуации, додаде Стојанова.

Креативната воспитувачка е одлична ракажувачка. Децата обожаваат да ја слушаат и да ја гледаат. Смета дека за да се биде успешен воспитувач, потребна е посветеност на својата професија и пред сè да се сакаат децата. Секојдневно низ својата работа таа им пружа соодветна поддршка на децата за максимално развивање на нивните потенцијали. Се радува на секој успех постигнат со децата, а својата успешност ја сфаќа како процес на постојано учење и развивање.

– Во последните две години раководството на нашата градинка работи на унапредување на професионализмот кај воспитувачите и останатите стручни лица, поставувајќи повисоки стандарди за нивна обука и професионален развој.

Раскажувањето приказни има различни добивки во различна возраст кај детето. Исто така, различната возраст кај детето значи различен однос кон приказната. Воспитувачот е тој кој ги познава законитостите на детскиот развој и ги употребува приказната и раскажувањето соодветно на тој развој. Постојат одредени закононитости поврзани со структурата на приказната и при раскажувањето треба да се внимава на нив доколку сакаме да имаме успешно раскажана приказна. Јасно да се исцрта опкружувањето каде е сместено дејството, да се создадат ликови со дистиктивни карактеристики кои лесно се паметат, да се направи интересен почеток на случката – проблемот, реакциите на карактерите: емотивните, плановите, акцијата, да се покаже како ликовите се обидуваат да го решат проблемот, да се јасно видливи последиците од нивните активности и да се понуди јасно, еднозначно решение. Вака креираните приказни низ сите овие аспекти за детето ќе стануваат имплицитно присутни и со текот на времето очигледни, вели Стојанова.

Животот на воспитувачите, наставниците и на сите кои се вклучени во воспитно-обарзовниот процес се промени, секако и на децата и на учениците. Стојанова смета дека токму во последниве две години научните сознанија за значењето на раното учење и развој кај детето им помогнало, но и како што вели, довело до зголемени напори за унапредување на квалитетот на воспитно-образовната работа, од една страна, и професионализмот кај воспитувачите, а од друга страна, професијата воспитувач бара значителни професионални знаења и разбирања, како и способности и вештини.

– Улогата на воспитувачот постојано се менувала низ историјата, се менува и денес, па дури и во време на пандемија. Сметам дека досегашната свест и перцепција за градинката, како место во кое времето е добро поминато, само ако добро се јаде, спие, ќе биде променета. Од нас, воспитувачите, се очекува да работиме во мултикултурна средина за учење, да ги интегрираме децата со различни воспитно-образовни потреби, да користиме информатичка технологија за ефективно учење, воведување иновации во воспитно-образовната работа со деца, да се вклучиме во процесите на евалуација и отчетност, активно да ги вклучиме родителите во креирањето на воспитно-образовните содржини во градинката итн. Па според тоа, сметам дека секој воспитувач е спремен со својот професионален и личен интегритет да ги прифати промените и предизвиците што доаѓаат со новото време и завршувањето на пандемијата, рече Стојанова.

Пасија да се создаваат слики од каменчиња

Стојанова изработува и слики од каменчиња, за коишто вели дека тоа е начинот да твори и преку нив да се изразува. Процес што најдлабоко во себе го слуша и најчесто тоа се нејзини лични приказни.

– Секоја приказна ми е уникатна. Барем мене. Секоја ја раскажувам со посебно внимание, посветеност и љубов. Настојувам така да остане, да ме држи таа страст и љубов за секоја изработка посебно. Тука се секогаш најблиските од семејството, кои ми даваат поттикот и љубовта во она што го создавамСилна е таа провокација, како од каменот, кој како материјал во својата суштина ладен, безизразен и нималку „емотивен“, да се раскаже едноставна, топла и емотивна приказна, рече Стојанова.

Омилени мотиви, кои најчесто ги прикажува на своите слики, се деца и мајка со деца.

– Отсекогаш мајчинството сум го доживувала како едно од најважните задачи што животот може да ти ги довери, бидејќи веќе уживав во креирањето на тие слики, најдов начин како да ги поврзам и да ги искористам каменчињата и во воспитно-образовниот процес со децата, вели Стојанова.

Нејзините слики изработени од каменчиња ги закачува на социјалната мрежа Инстаграм, под името Handtold pebble story или #mypebblestory.