„Балкан експлорер“ – луксузен воз што ги воодушеви Европа и Балканот

„Балкан експлорер“, во сопственост на компанијата „Голден игл лакшери треинс“ (Golden Eagle Luxury Trains), нуди дванаесетдневно патување од Венеција до Истанбул поминувајќи низ седум балкански држави


Сараево – Низ Европа деновиве помина воз што потсетува на златната ера на легендарниот „Ориент експрес“, а неговото појавување низ балканските градови привлече големо внимание кај граѓаните и туристите. Станува збор за луксузниот „Балкан експлорер“, воз кој нуди уникатно искуство низ Југоисточна Европа, со ентериер и услуга што потсетува на хотел со пет ѕвезди.

Заборавете на ладните сендвичи на железничката станица, кафе во пластична чаша и метеж во економската класа, пишува Н1. Патниците тука уживаат во приватни апартмани, луксузни ресторани, барови и салони уредени во стилот на старите европски експресни линии. Цената на патувањето со „Балкан експлорер“ зависи од типот на кабината и периодот на патување. Почетните аранжмани за полуксузните пакети изнесуваат приближно 20.000 евра.

„Балкан експлорер“, во сопственост на компанијата „Голден игл лакшери треинс“ (Golden Eagle Luxury Trains), нуди дванаесетдневно патување од Венеција до Истанбул поминувајќи низ седум балкански држави. „Балкан експлорер“ на 12 мај поминал и низ Сараево и веднаш станал вистинска атракција за патниците.

Рутата на оваа луксузна железничка тура опфатила и дел од најпознатите дестинации во регионот. Освен Сараево, патниците застанале и во Мостар, каде што имале можност да ги посетат историските знаменитости, да ја вкусат локалната кујна и да ја почувствуваат автентичната атмосфера на Балканот. Иако доживувањето со „Балкан експлорер“ чини цело богатство, оние што се одлучуваат за вакво патување си заминуваат со неверојатно искуство и спомени што се памтат цел живот.