Славески: Зголемувањето на надоместоците во платниот промет не е оправдано, банките да ги преиспитаат своите одлуки


Гувернерот на Народната банка Трајко Славески изразува загриженост поради најавеното зголемување на надоместоците во платниот промет од страна на неколку банки во земјата, оценувајќи дека во моментот не постојат оправдани причини за ваков потег.

– Народната банка е непријатно изненадена од одлуката на дел од банките да ги зголемат надоместоците што ги плаќаат граѓаните и компаниите за услугите во платниот промет. Особено загрижува фактот што во повеќето случаи станува збор за двоцифрени процентуални зголемувања, вели гувернерот Славески.

Тој потсетува дека минатата година, на иницијатива на Народната банка и во соработка со банкарскиот сектор преку Македонската банкарска асоцијација, биле направени напори за намалување на одредени надоместоци, што дало позитивни резултати за корисниците на банкарските услуги.

– Сега сме сведоци на обратен процес за кој не гледаме економска оправданост. Ги повикувам банките кои најавија зголемување на провизиите во најкус можен рок да ги преиспитаат своите одлуки и да се откажат од најавените поскапувања, нагласи гувернерот.

Воедно, тој посочува дека Комисијата за заштита на конкуренцијата треба внимателно да ги следи случувањата во банкарскиот сектор и да оцени дали ваквото однесување упатува на координирано дејствување што би можело да биде на штета на клиентите.

Осврнувајќи се на можностите за институционален одговор, Славески истакнува дека Министерството за финансии и Народната банка треба да разгледаат подготовка на измени во законската рамка, по примерот на повеќе европски и други земји, со кои би се овозможило регулирање на висината на надоместоците што банките ги наплаќаат за услугите во платниот промет.

Притоа, тој појаснува дека Народната банка во моментов нема законска надлежност директно да ги регулира провизиите што ги наплаќаат банките.

– Иако во јавноста често постои перцепција дека Народната банка може да интервенира во висината на банкарските провизии, постојната законска рамка не предвидува таква можност. Регулирањето е оставено на пазарните механизми и конкуренцијата, но актуелните случувања укажуваат на потребата од преиспитување на овој пристап, вели Славески.

Според него, потребата од евентуално законско регулирање произлегува од фактот што платниот промет претставува услуга од јавен интерес, неопходна за секојдневното функционирање на граѓаните и компаниите.

– Платниот промет има карактеристики на услуга од јавна корист, слично како снабдувањето со електрична енергија, вода или природен гас, што дополнително ја отвора дебатата за соодветен модел на регулирање на надоместоците во оваа област, додава Славески.