ОКТА повторно воведува попуст – два денара за бензините до средината на јуни
Компанијата ОКТА АД – Скопје воведува привремен попуст од 2 денари по литар за бензините од 95 и 98 октани, како дел од напорите за поддршка на домашниот пазар на горива. Мерката ќе се применува во периодот од 2 до 16 јуни годинава.
Од компанијата соопштуваат дека одлуката е донесена како резултат на актуелните движења на меѓународните цени на горивата, но и како дел од континуираната комуникација со Владата, насочена кон ублажување на ценовниот притисок врз граѓаните и економијата.
Попустот ќе се однесува на сите трговци што набавуваат бензин од ОКТА, како во големопродажба, така и во малопродажба.
Од компанијата посочуваат дека со оваа мерка им се остава можност на трговците да ја рефлектираат поддршката во крајните цени за потрошувачите, но нагласуваат дека тие и понатаму самостојно ги креираат малопродажните цени согласно своите комерцијални политики и пазарните услови.
Според проценките, вкупниот придонес на ОКТА за поддршка на пазарот преку вакви мерки ќе надмине 7 милиони евра.