Слабото здравство на Балканот се „лечи“ со рестриктивни мерки


Тврдите мерки на државите на Балканот во однос на пандемијата се резултат на свеста за слабиот здравствен систем во нив, оцени Советодавната група за Балканот во Европа (БИЕПАГ) во најновата анализа, практично објаснувајќи го фактот зошто во сите нив експресно беше воведена вонредна состојба и се применуваат најригорозните мерки во Европа. Според ценката на експертите од оваа група, здравствените системи во Македонија и во другите земји во регионот се толку слаби што само со вакви превентивни мерки можеше да се спречи да се најдат во ситуацијата како Шпанија, Италија и Франција, кои има наплив на заболени.

Според анализата, здравствената заштита во регионот функционира на двојна основа, со лошо финансирано и опремено јавно здравство  наспроти  добро финансиран приватен сектор кој се грижи за елитните општествено-економски групи. Таквиот систем, според нив, во нормални околности успева да ги задоволи основните потреби, но во налет на епидемија јавното здравство се соочи со исклучителни тешкотии. Поедноставно кажано, здравствените системи во балканските земји, вклучувајќи ја и Македонија, се толку слаби што не можат да се справат со епидемија, па затоа единствен одговор е да седиме што повеќе дома.

„Овие драконски мерки не можат да ги заматат слабостите на системот за здравствена заштита кои, поради недостаток на волја и инвестиции, не се развиваат според современите стандарди, а трпат  големи штети како резултат на масовното иселување на обучен и постар медицински персонал во странство во потрага по подобри услови за работа и поголема заработка. Системското занемарување на здравствениот систем, присутно во сите земји од Западен Балкан, сега станува очигледно и доведува до неможност да се заштитат граѓаните. Занемарувањето на системот за здравствена заштита доведе до воведување на строги мерки, бидејќи болниците немаат доволно ресурси за да се справат со најтешките случаи, што ја зголеми итноста на мерките за да се спречи понатамошно ширење на вирусот“, се вели во анализата.

Според нив, лажните вести, вклучително и кај медиуми блиски до властите во регионот (пред сѐ Србија), како и неточните изјави на самите влади, ја уништиле довербата на граѓаните во институциите, поради што некои од нив не ги сфатија сериозно препорачаните мерки на полициски час и карантин.

„Стравот од хаос и вербата дека само силно лидерство може да се справи со ситуацијата и да обезбеди стабилност, стана важен елемент на колективната психологија на Балканот во времето на пандемијата на вирусот Ковид-19. Владејачките елити произведоа нов морализиран здрав разум, врз основа на кој само вонредна состојба гарантира закон и ред. Морално чувствителната задача на ‘преземање на сите мерки за борба против короната’ им обезбедува многу функционално и моќно средство за легитимирање на владеењето растоварено од правила и владеење на правото“, предупредуваат овие експерти, кои гледаат елементи на засилување на авторитаризмот во регионот.

Според нив, пандемијата го оствари сонот на секој националист за затворени граници и нации-држави, за „чисти“ припадници на етнички дефинирани заедници.

„Од средината на март, сите европски граници се главно затворени. На глобално ниво, многумина предупредуваат дека ширењето на вирусот корона ќе доведе до пораст на национализмот. Емануел Макрон на почетокот на кризата најави дека земјите од ЕУ треба да ги држат своите граници отворени сѐ додека е можно и не треба да дозволат ‘корона- национализам’. Само неколку дена по оваа изјава, следуваше затворање на француските граници. И, иако е тешко да се предвидат долгорочните последици, се чини дека пандемијата на вирусот ќе придонесе за реафирмирање на улогата на нацијата-држава во и надвор од Европската унија“, стои во анализата.

Економските последици на кризата експертите ги проектираа во три можни сценарија, при што генерално се препорачува да не се даваат линеарни еднократни исплати како помош, туку да се воведе прогресивно оданочување, за тие средства да се враќаат од даноците, а не со задолжување во светските банки.

„Треба да се обезеди неоданочен додаток на доход кај тие со ниски примања, а поголема даночна стапка за тие со поголеми, место паушалниот и пропорционален даночен систем кој е вообичаен во регионот“, стои во анализата.

Во однос на здравството се оценува дека бројот на болнички кревети е соодветен, поради што треба да се насочат ресурсите кон подобрување на квалитетот на здравствената опрема, обезбедување соодветни залихи со лекови и намалување на преоптовареноста на одделенијата за интензивна нега, заедно со зголемување на платите на здравствените работници. Се предлага, исто така, поддршка пред сѐ на малите и средните претпријатија, снабдување со храна на сиромашните и постарите и финансиска помош за тие што се вратија од странство, бидејќи ги загубија таму работните места.

Вкупните последици за земјите од регионот, според нив, ќе зависат сепак од два фактори – капацитетот на здравствените системи да одговорат на кризата и кондицијата на јавните финансии, но според овие оценки, ниту во двата аспекти изгледите на регионот не се многу оптимистички. Како аргумент се наведува дека трошоците за јавното здравство по глава на жител во регионот изнесуваат само 15 отсто од тие во Германија и само една третина од нивото во побогатите земји од Централна и Источна Европа, како на пример Словенија.

Фото: Б. Грданоски

Од друга страна пак, во земјите во регионот односот меѓу јавниот долг и БДП во однос на 2007 година е многу понеповолен и централните банки не ќе можат да го менаџираат  ова ново големо задолжување. Како последица, невработеноста и падот на заработките, сметаат тие, ќе ги надминат тие од времето на глобалната финансиска криза од 2008 година. Падот на дознаките од странство исто така ќе биде значителен, а тој претставува и до 10 отсто од БДП на некои земји во регионот, а дури 15 отсто во Косово, бидејќи голем дел од тие што работеа во странство сезонски се вратија назад. Се очекува исто така да се намали трговијата со ЕУ, а некои странски компании во регионот да се затворат, при што се наведува примерот со „Фијат“ во Србија.

Генерално, во основното сценарио, ако кризата трае два до три месеци, се предвидува реално намалување на БДП за 3 до 5 отсто, така што 2020 година ќе биде полоша од 2009 година. Попозитивното сценарио претпоставува голема финансиска стимулација д ЕУ , масовно тестирање на целиот регион за да дојде до побрзо враќање на економска активност, што би значело само мало намалување на реалниот БДП годинава и закрепнување догодина. Во третото, пак, негативно сценарио, ако кризата трае подолго, би снемало многу бизниси, невработеноста значајно ќе порасне, задолженоста ќе стане преголема а здравствената криза ќе стане финансиска, со потенцијален пад на реалниот БДП за 10 отсто оваа година и повеќе долготрајни последици. (С.Ј.)