Складирањето електрична енергија од фотоволтаици ќе влезе во законска регулатива

Енергетската транзиција, доколку не се прави организирано и на начин како што треба, може да стане поголем проблем отколку решение, вели претседателот на Македонската енергетска асоцијација, Кочо Анѓушев


Македонската енергетска асоцијација заедно со Министерството за економија, Регулаторната комисија за енергетика, МЕПСО и ЕВН ќе формираат работни групи за доработка на постојната законска регулатива со цел да се прецизира складирањето на електричната енергија произведена од обновливи извори на енергија. Како што информираа по состанокот во Стопанската комора, министерот за економија Крешник Бектеши и првиот човек на МЕА, Кочо Анѓушев, ваквата легислатива е неопходна со цел да се забрза процесот на енергетска транзиција и да се направи амбиент на извесност и предвидливост за инвеститорите.

Министерот Бектеши посочи дека воведувањето нова легислатива во делот на складирање на електричната енергија како дополнителна потреба од страна и на инвеститорите, но и од страна на државата, е неопходна имајќи ги предвид инвестициите и енергетските објекти од обновливи извори на енергија кои се приклучуваат, посебно од фотонапонски централи.

„Дополнително на тоа зборувавме и за индикативниот план каде што ќе се утврдува постапката и начинот како инвеститорите да ги поминат процедурите поедноставно и попредвидливо сѐ со цел нивните инвестиции да бидат профитабилни, како и да се знае можноста на преносниот и на дистрибутивниот систем да го прифати тоа производство на електрична енергија“, рече Бектеши по состанокот.

Тој додаде дека веќе има бум во делот на инвестициите во обновливи извори на енергија. Тој ги повика сите потенцијални инвеститори внимателно да ги следат сите процедури за да не се случи да имаме многу поголемо производство отколку потребите кои ги има државата.

„Ние секогаш повикуваме да се обрне големо внимание на обновливите извори на енергија. Но, технички зборувано, како и согласно стратегијата за развој на енергетиката, за потребите на државата е лимитирано колку може да се гради, од какви видови на извори, вклучително и фотонапонски, ветерни централи, био маса и слично“, рече Бектеши.

Анѓушев, како Претседателот на Македонската енергетска асоцијација, посочи дека во рамки на МЕА пред месец дена имале дискусија околу енергетската иднина на државата при што било заклучено дека енергетската транзиција или транзицијата кон обновливи извори на енергија е наше единствено решение како држава, бидејќи нема други ресурси.

„Но, сакаме јасно да нагласиме дека енергетската транзиција, доколку не се прави организирано и на начин како што треба, може да стане поголем проблем отколку решение“, рече Анѓушев.

Тој додаде дека токму за да не се направи поголем проблем, а проблем може да настане бидејќи сите фотовалтаици произведуваат во исто време електрична енергија и практично 80 проценти од електричната енергија во текот на годината што го произведуваат, го произведуваат од април до септември и од девет часот наутро до пет часот попладне, не смее да се дозволи во тој период да има големи вишоци со илјадници мегавати, бидејќи во тој случај нема да се знае што да се прави со таа енергија.

„За да не се дојде до таква точка, или ако оди работата во таа насока на инсталирање на големи проекти во фотоволтаици, единственото решение е да таа произведена електрична енергија се складира“, рече Анѓушев.

Тој објасни дека складирањето на енергијата, покрај познатите конвенционални методи како реверзибилни хидроелектрани како што е Чебрен (кој патем треба да се изгради), е во сториџ системите или батериски системи кои што во последно време се хит и се единствено решение за вакви проблеми. Тие треба да се опфатат и со легислативата во нашата земја, во законските и во подзаконските акти.

„На денешниот состанок ја инициравме таа постапка заедно со Регулаторната комисија која што и претходно ја споменуваше, заедно со Министерството за економија кое што го има тоа предвидено во Законот за енергетика како можност, но треба да се доработи легислативата. Во таа смисла се договоривме да формираме работни групи со претставници на Министерството за економија, Регулаторна комисија, МЕПСО, ЕВН, и МЕА и тој процес да го забрзаме со цел да направиме извесност и предвидливост за сите инвеститори во иднина“, рече Анѓушев.

Одговарајќи на прашање на новинарите Анѓушев објасни дека батериите можат да бидат од најмали, односно од еден киловат-час до 10 квч. за домашна употреба, потоа од 300 – 500 квч. за потребите на индустриски капацитети, па сѐ до неколку мегават-часови кои ќе бидат во состав на постојни или идни производни капацитети, а можат да бидат и сториџ системи сами по себе кои што ќе имаат стотици мегават-часови.

„Батериските системи за разлика од производните капацитети кои што се дефинираат во инсталирана снага во мегавати, тие се дефинираат во капаците на складирање во мегават часови, што е различно“, појасни Анѓушев. (M.J.)