Премиерот Мицкоски најави хидроцентрали, ветерни паркови и когенеративни централи за милијарди евра


 

Со 1,5 милијарди евра државата самостојно ќе ги гради „Чебрен“ и „Галиште“, за кои моментално се работи на физибилити студија, откако во изминатите триесетина години пропаднаа дури 14 тендери за изградба на овие значајни енергетски капацитети. Оваа информација ја соопшти премиерот Христијан Мицкоски.

„Чебрен“ се наоѓа во клисурниот дел на Црна Река, оддалечен 81 км од нејзиното устие во реката Вардар, во близина на селото Манастир, а околу 7 км од Расимбегов Мост. На овој потег веќе е изградена ХЕ „Тиквеш“ со нормална кота на акумулацијата 265 м.н.в., додека за останатиот клисурен дел на Црна Река анализирани се повеќе решенија и варијанти за нејзино енергетско искористување.

Во претходната студиска фаза напроектирање, усвоено е да се изградат две прибрански хидроелектрани со значаен акумулациски простор, и тоа: ХЕ „Галиште“ со нормална кота на акумулацијата 392,00 м.н.в., и ХЕ „Чебрен“ со кота на акумулацијата 565,00 м.н.в.

Во февруари 2016 година, е објавен јавен повик во „Фајненшел тајмс“ и на веб-страницата на МЖСПП за пројавување интерес за проектирање, изградба и концесионирање на ХЕ „Чебрен“ и ХЕ „Галиште“, при што пристигнаа 11 техничко-економски решенија од заинтересирани компании. Во февруари 2017 година изработена е префизибилити студија за испитување на оптимално енергетско искористување на потегот на Црна Река узводно од ХЕ „Тиквеш“.

Расположливиот потенцијал на Црна Река досега е искористен само со изградбата на високата брана „Тиквеш“, а тоа е всушност долниот дел од клисурниот потег на Црна Река. Спротиводните акумулации „Галиште“ и „Чебрен“ имаат исклучиво енергетско значење, со услови за формирање на големи акумулации (особено акумулацијата „Чебрен“ ) и за израмнување на протечните води на Црна Река, сè со цел нивно целосно искористување.

„Галиште“ е во средишниот дел на клисурниот потег на Црна Река, се наоѓа на самиот почеток на постојната акумулација „Тиквеш“, односно 54 км спротиводно од вливот на Црна Река во реката Вардар. ХЕ „Галиште“ е проектирана со инсталирана моќност од 193,5 MW. Ќе работи како вршна електрана, при што волуменот на акумулацијата дозволува сезонско префрлање на протекувањата на вода. Во согласност со анализите што произлегуваат од физибилити студијата ХЕ „Галиште“ годишно е предвидено да произведува 262,5 GWh. Со изградба на браната „Галиште“ ќе се формира акумулација со вкупен волумен од 344 х 106 м3. Хидроенергетската постројка „Галиште“ е предвидено како прибранска, а високата брана се предвидува да биде од типот камено-насипана со централно глинено јадро.

Премиерот додаде дека се планира и изградба на гасни когенеративни централи за производство на електрична и топлинска енергија. Мицкоски откри дека се планира овие когенеративни централи да имаат приклучоци до секој дом за снабдување со енергија, но не откри локации каде би се наоѓале првите централи.

Со 400 милиони евра веќе се гради ветерниот парк кај Штип кој е најголемиот енергетски проект од обновливи извори во Северна Македонија. Паркот ќе се протега на територијата на општините Штип, Карбинци и Радовиш, а ќе произведува електрична енергија за снабдување на околу 100.000 домаќинства.

Премиерот соопшти дека се преговара за изградба на уште еден ваков ветерен парк на североистокот од државата, кој доколку се одобри ќе биде инвестиција од околу 800 милиони евра и значаен енергетски капацитет за овој регион од државата.