Симфониски концерт на ФЕЈМС Институт во Сули ан во рамки на „Скопско лето“
Симфониски концерт „Поврзани преку звукот: трансформативната моќ на светската музика“ ќе одржи ФЕЈМС Институт вечер од 20:30 часот во Сули ан, во рамки на 47. фестивал „Скопско лето“.
Дирекцијата за култура и уметност – Скопје (ДКУС), организатор на фестивалот, соопшти дека концертот е завршен настан на шестдневната едукативна програма на ФЕЈМС Институтот, во чии рамки млади професионални класични музичари од цела Европа престојуваат во Скопје и под менторство на Русанда Панфили работат на избраните дела во професионално студио, а потоа ги изведуваат на сцена, применувајќи ги новостекнатите уметнички и технички знаења.
Русанда Панфили е молдавска виолинистка, композиторка и аранжерка, која има настапувано со Jerusalem Symphony Orchestra, RSO Vienna и Државниот симфониски оркестар на Мексико. Од 2016 година е соло виолинистка во продукциите „Hans Zimmer Live” и „The World of Hans Zimmer”.
-Поврзувајќи ја класичната традиција, фолклорното наследство и филмската имагинација, оваа програма ја поканува публиката на музичко патување низ разни култури и епохи. Преку делата на Барток, Григ, Штраус, Пјацола, Зимер, Вилијамс и Мориконе, таа ја открива трајната моќ на ритамот, мелодијата и бојата на оркестарот, најави ДКУС.

Во Едукативниот културен центар „Лабораториум“, пак, денеска од 12 часот ќе продолжи дводневниот тату (tattoo) настан на „Етернити тату студио“.
-Посетителите ќе имаат можност одблиску да ја почувствуваат атмосферата и уметноста на студиото. Преку тату сесии во живо, презентација на уникатни дизајни и дружба со публиката, Петар и Симона ќе ја претстават својата креативност и препознатлив стил, спојувајќи современа тату уметност со фестивалска енергија. Влезот е слободен, информира организаторот на „Скопско лето“.