„Скопски провиденија и привиденија“ – нова книга на Христо Петрески


Фото: Б. Грданоски

Издавачката куќа „Феникс“ од Скопје деновиве ја објави новата книга на писателот Христо Петрески, насловена „Скопски провиденија и привиденија“, која содржи 40 кратки раскази во стихови, определени од авторот како „археологија на гласови“.

Во предговорот „Градот што памети“, Петрески наведува дека книгата претставува обид да се открие „второто лице“ на Скопје, она што останува скриено зад неговите улици, плоштади, мостови и секојдневниот живот. Според авторот, станува збор за книжевно патување низ меморијата на градот, низ гласовите на луѓето, местата и времињата што оставиле трага во неговата колективна свест.

– „Провиденија и привиденија“ не е историски водич ниту класична хроника, туку збир од прозни и поетски минијатури и имагинарни разговори со Скопје, град кој постојано се менува, но никогаш целосно не исчезнува, се посочува во предговорот.

Низ страниците читателот се среќава со препознатливите симболи на главниот град – Камениот мост, Вардар, Калето, Старата чаршија, Водно и Матка, но и со бројни ликови од минатото и сегашноста: писатели, поети, хроничари, занаетчии, мајстори, патници и обични граѓани кои, според авторот, го создале „невидливото лице“ на Скопје.

Во поговорот „Скопје меѓу реалноста и сонот“ се истакнува дека насловот ја одразува двојната природа на книгата. Провиденијата се мигови на откривање на скриените слоеви на градот, додека привиденијата се симбол на спомените, исчезнатите улици, старите маала и луѓето што повеќе не се меѓу нас, но продолжуваат да живеат во колективната меморија.

Авторот го претставува Скопје како град на рушења и обновувања, кој низ вековите поминувал низ војни, пожари, поплави и земјотреси, но секогаш успевал повторно да се издигне и да го зачува својот дух.

Според издавачот, книгата нуди своевидна литературна мапа на старо и ново Скопје, во која градот не е само простор или историска сцена, туку активен книжевен лик. Делото, истовремено, претставува и сведоштво за тоа како едно поколение го доживува и памети Скопје на почетокот на 21 век.