Сиљановска: Не се укинува двојното државјанство, ова е нов услов за вршење функција


Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова изјави денес дека  не станува збор за укинување на правото на двојно државјанство, туку за воспоставување нов услов за вршење одредена јавна функција. Претседателката оцени дека постои правна можност со закон да се воведе ограничување на двојното државјанство, кое би важело и за претседателот и за министрите.

Таа потсети дека Уставот гарантира македонско државјанство, но Законот за државјанство предвидува и можност за двојно државјанство. Во член 2 од Законот за државјанство се наведува: „Државјанин на Македонија може да има и државјанство на друга држава. Државјанин на Македонија кој има државјанство на друга држава, во земјата се смета исклучиво за државјанин на Македонија, ако со меѓународен договор поинаку не е определено“.

Според Сиљановска-Давкова, во законодавството веќе постојат ограничувања за определени функции што се важни за безбедноста на државата. Таа посочи дека Законот за надворешни работи веќе не дозволува амбасадорите да имаат двојно државјанство, а истото важи и за носители на чувствителни функции, како директорот на АНБ.

„Со закон може да се ограничи двојното државјанство и за други носители на функции. Не станува збор за укинување на правото на двојно државјанство, туку за услов за вршење одредена јавна функција“, нагласи претседателката.

Таа додаде дека доколку функционер имал двојно државјанство, тоа би требало да престане во моментот на стапување на функцијата.