Шведска повторно ќе ја отвори истрагата за силување против Жулијан Асанж


Шведска повторно ќе ја отвори прелиминарната истрага за силување против основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, која беше прекината во 2017 година, објави денеска шведска обвинителка.

Заменичката на главниот обвинител, Ева Мари Персон соопшти дека откако Асанж ја напуштил Амбасадата на Еквадор, може повторно да се продолжи со истрагата.

Одлуката на Персон беше објавена откако адвокатката Елизабет Маси Фриц, која застапува жена која тврди дека е силувана од Асанж за време на посетата на Шведска во 2010 година, поднесе барање за повторно отворање на истрагата на 1 април. Асанж ги негираше обвинувањата во 2012 година кога истите и беа покренати, бидејќи смета дека тие се лажни и служат како параван со цел Шведска да го екстрадира во САД, каде се наоѓа меѓу најбараните лица, со оглед на тоа дека неговиот „Викиликс“ објави илјадници тајни страници на американската дипломатија.

Барањето беше поднесено истиот ден кога британската полиција го уапси Асанж од Амбасадата на Еквадор во Лондон.

Австралискиот државјанин помина седум години во Амбасадата на Еквадор за да избегне апсење и екстрадиција во Шведска. Неодамна Еквадор му го укина азилот по што веднаш беше уапсен и префрлен во затвор, каде треба да одлежи казна од 50 недели затовр поради кршење на прописите за условна слобода.

Во меѓувреме, обвинувањата за сексуално вознемирување се застарени, освен едно обвинени кое застарува во 2020 година и токму на основа на таа тужба целиот случај во Шведска е повторно отворен.

– Со оглед на тоа што господинот Асанж моментално е во затвор во Велика Британија, околностите дозволуваат да биде екстрадиран во Шведска врз основа на налог за силување, изјави Персон.