Штрајкот на американските пристанишни работници може да доведе до недостиг и повисоки цени во земјата пред изборите
Штрајкот на американските пристанишни работници, од источниот брег на САД од Мејн на североисток до Тексас на југ, има потенцијал да ги зголеми цените и да создаде недостиг на стоки низ земјата пред празничната шопинг сезона и неизвесни претседателски избори, оценуваат американските медиуми.
Тоа е прв таков штрајк од 1977 година, а го организира синдикатот што претставува 45.000 пристанишни работници. Ако трае повеќе од неколку недели, може да доведе до повисоки цени и недостиг на храна.
Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска им рече на новинарите дека, според него, постигнат е напредок кон прекинување на штрајкот, а на прашањето колкав е тоа напредок, тој одговори: „Ќе дознаеме наскоро“.
Синдикатот познат како Меѓународно здружение на пристанишни работници (ИЛА) бара значително повисоки плати за своите членови и целосна забрана за автоматизација на кранови, пристаништа за товарење и камиони со контејнери на 36 американски пристаништа.
Околу половина од товарот од бродовите што пристигнуваат во американските пристаништа се товари или истоварува во тие пристаништа.
Договорот меѓу ИЛА и Американската поморска алијанса, која ги претставува пристаништата, истече денеска.
Главното барање на пристанишните работници е зголемување на платите за 77 отсто во однос на износот од тој договор кој важеше шест години, за да се покрие загубата на вредноста на платите поради инфлацијата.
Пред работниците вчера да излезат на барикадите, Алијансата понуди зголемување од 50 проценти и вети дека ќе го задржи нивото на автоматизација на нивото предвидено со актуелниот договор. Исто така, понуди дополнителни бенефиции за пензионирање и дополнителни опции за здравствена заштита.
Американскиот претседател би можел да го прекине штрајкот на 80 дена според законот од 1947 година. Сепак, Бајден им рече на новинарите во неделата дека не планира да интервенира „бидејќи ова е колективно договарање“.
Проблемот со истоварената стока е што не сите пристаништа се специјализирани за сите видови стоки, па затоа е тешко да се заобиколи штрајкот, а некои од стоките лесно се расипуваат.