Што се случува со Ѓоковиќ? Бил болен, но не кажува од што

Српскиот тенисер го изгуби финалето на АТП турнирот во Белград од Андреј Руљов со поразителни 6:0 во решавачкиот трет сет


 

Нешто се случува со Новак Ѓоковиќ, но не е сосема јасно што. Српскиот тенисер го изгуби денешното финале на АТП турнирот 250 во Белград во три сета од Русинот Андреј Рубљов. Најинтересно е што третиот решавачки сет Ѓоковиќ го загуби со 6:0. Претходните три меча светскиот тенисер број еден ги доби со 2:1 во сетови. Во сите три меча тој го загуби првиот сет за потоа да направи пресврт. Но Рубљов беше преголем залак за него во ова време.

На прес конференцијата Ѓоковиќ зборуваше за некаква болест што прележал, но која не е корона и дека тоа многу се одразило на неговата физичка кондиција и способноста за поголеми резултати.

„Можев да бидам елиминиран уште во првото коло, имав четири меча во три сета. Уморен сум, но задоволен сум затоа што успеав да победам мечеви во три сета што ќе ми значи да ја продолжам сезоната на земја. Не ми се допадна како се чувствував на крајот од вториот и третиот сет, беше слично како во Монте Карло. Не знам дали е поради болеста или нешто друго, можеби е така. Тоа лошо чувство сега барем дојде во подоцнежна рунда, не на почетокот како во Монте Карло. Ролан Гарос е голема цел, се надевам дека тогаш ќе бидам подготвен за пет сета“, рече Ѓоковиќ.

Српскиот тенисер не спомена за каква болест се работи.

„Никогаш порано не ми се случило ова, можеби во раниот дел од кариерата. Монте Карло, може да има врска со болеста што ја имав. Процесот на закрепнување трае подолго отколку што очекував. Не се чувствував премногу уморен до крајот на вториот сет, оној гем при 5:4 во вториот сет, тогаш почна. Го добив тај-брејкот, зедов медицински тајм-аут, сакав да се борам во третиот сет и тоа траеше два гема, после тоа не беше баш пријатно ни за гледање. Жал ми е поради тоа. Не сакав да го предадам мечот. Жал ми е што луѓето доживеаја такво нешто, ме поддржаа, овој пат не успеав“.

Тој изјави и дека неговата болест, која ја имал пред турнирот, нема никаква врска со короната.

„Нема врска со короната. Не сакам да зборувам за детали, не е потребно. Силно влијаеше на моето тело, метаболизмот неколку недели. Немав доволно време да се подготвам за Монако, се радував, сакав да играм таму. Беше убаво чувството да се игра на тие два турнира, но морам да ја гледам позитивната страна, се подобрувам, играв натпревари во три сета, има позитивни работи. Малку е загрижувачки да имам такви чувства, бидејќи не сум ги играл долго време“, рече Ѓоковиќ. (Н.В.)