Што побара ЕУ од Албанија за да можат да почнат преговорите


Јонас Беринг Лисберг, постојаниот претставник на Данска во ЕУ за време на министерскиот видео состанок во Брисел (Фото: ЕУ)

Денешната одлука на европските министри за почнување на процесот на преговори со Унијата беше едногласна за Македонија. Но за Албанија, и покрај зеленото светло, се поставени повеќе услови кои мора да ги исполни земјата за да се закаже првата меѓувладина конференција. На тој начин ЕУ им излезе во пресрет и на бројните поддржувачи на проширувањето кон Западен Балкан, а од друга страна на одреден начин ги стави во документите и резервите на трите најспектични земји – Франција, Холандија и Данска.

Во документот стои дека преговарачката рамка „треба да рефлектира оти Албанија успешно се справи со… пет клучни приоритети“, вклучително и иницирање на судски постапки против судии и обвинители, обвинети за кривично однесување за време на процесот на ветирање, поведување постапка за оние кои се обвинети за купување гласови и „борба против организираниот криминал и корупција на сите нивоа“

Но не е само тоа. Пред првата меѓувладина конференција Албанија треба да преземе и други мерки, во кои се и усвојување на изборни реформи, „обезбедување на транспарентно финансирање на политичките партии и изборни кампањи, обезбедување на континуирано спроведување на судската реформа, вклучително и обезбедување на функционирање на Уставниот суд и Високиот суд“.

Додека францускиот претседател Емануел Макрон беше изолиран во блокадата на Северна Македонија на октомврискиот самит на ЕУ, сомнежите за Албанија беа пораспространети. Холандија и Данска ѝ се придружија на Франција во изразувањето резервираност кон напорите што Тирана ги прави во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Макрон омекна минатиот месец кога беа усвоени француските предлози за измена на преговарачкиот процес, кој сега е построг и политички, а не само административен.

На средбата во вторникот холандскиот министер за надворешни работи Стеф Блок призна дека Албанија направила прогрес за да се доближи до исполнувањето на условите.

„Условите што ги поставивме се услови што се логични за секоја земја на ЕУ, затоа што тие се толку фундаментални за правилното функционирање на демократијата каде што камен-темелник е владеењето на правото“, рече Блок пред новинарите во видео повик.

„Ние не бараме ништо што е невозможно ниту од Албанија ниту од Северна Македонија“, изјави Блок.

Неговиот германски колега, Хајко Мас, реагираше со поинаква реторика.

„Европа го одржува ветувањето. Албанија и Северна Македонија тргнуваат во следната фаза на нивното патување кон ЕУ. Ова е задоцнетото признавање на нивните реформски достигнувања“, рече тој. „Стабилните и ефикасни демократски уставни држави на Западен Балкан се наш стратешки интерес. И ориентацијата кон европскиот модел на мир, слобода и просперитет останува најсилниот фактор на стабилност за нашето соседство“, нагласи Мас.

Гент Цакај, албанскиот в.д. министер за надворешни работи, во твит рече дека неговата земја „ќе ги испорача клучните приоритети“ и ќе продолжи со „невидени реформи“.   (Љ.П.)