Што научив од стариот фашист

Зошто либералите и левичарите сè уште немаат одговор за подемот на радикалната десница? Кога владите и мејнстрим партиите ќе ја усвојат „лајт“ варијантата на антиимигрантските агенди, фашистите намирисуваат крв во водата и нивниот апетит за суровост експлодира


Зошто либералите и левичарите сè уште немаат одговор за подемот на радикалната десница? Кога владите и мејнстрим партиите ќе ја усвојат „лајт“ варијантата на антиимигрантските агенди, фашистите намирисуваат крв во водата и нивниот апетит за суровост експлодира

Што научив од стариот фашист

Неодамнешните безредија во Велика Британија уште еднаш ја покажаа неспособноста на либералите и левичарите да сфатат како да ги придобијат членовите на работничката класа кои се привлечени од екстремната десница. Штом фашизмот е во воздухот, веќе нема смисла да се поклонуваме на ксенофобијата, како што прават либералите со прифаќање на антиимигрантската агенда; ниту да се грми против драстични државни мерки за штедење, како што прават левичарите. За да можат да се справат со проблемот во форма на британските насилници и слични толпи низ Европа и САД, прогресивните сили мора прво да се обврзат да не им го вртат грбот на овие луѓе.

Мојата шокантна иницијација во фашистичката состојба на умот се случи пред три децении, кога еден стар грчки селанец по име Капнијас реши да ме подучи за тоа. Неговите изопачени ставови, колку и да предизвикуваат револт, го имаат клучот за објаснување што се случува во места како северна Англија, источна Германија и американскиот Среден запад.

Капнијас пораснал во страшна сиромаштија, како полукмет на имот во едно село на Пелопонез каде што неговиот газда бил доминантна фигура. Сопственикот бил либерален патријарх кој ѝ помагал на британската разузнавачка служба за време на нацистичката окупација, а неговата куќа била упориште на членовите на движењето на отпорот. Набљудувајќи ги британските офицери кои се спуштаа со падобран за да се сместат на фармата, понекогаш во друштво на брадести комунистички партизани, Капнијас знаеше дека нешто се случува таму – но тој беше исклучен од тие настани.

„Никој не сакаше да има работа со мене“, ми рече. „Додека мојот бел ангел не ме допре“, продолжи тој, гордо ставајќи ми во раката трошна книга во кожен повез: примерок од „Мојата борба“ од 1934 година што неговиот „бел ангел“, инструкторот од Гестапо, му ја подарил при разделбата на крајот на окупацијата. Чувствувајќи го моето згрозување, тој продолжи да ја објасни својата омраза кон сојузниците.

„Нивната ароганција, нивната надменост, нивната гордост доведоа до смрт на многу луѓе“, рече тој. Дури и пред да се приклучи на колаборационистичка единица, каде што го запозна својот бел ангел, омразата беше она што го движеше.

Да, можно е Капнијас, доколку беше со подобар социјален статус, да не потклекне на повикот на нацизмот. Но, сиромаштијата сама по себе не објаснува зошто тој стана соработник кога повеќето млади мажи од неговото село, вклучувајќи ги и оние не помалку сиромашни од него, се приклучија на движењето на отпорот. Кога маргинализацијата се меша со депривација, одреден тип на личност се стрмоглавува во морален вакуум. Како Капнијас, тие стануваат подложни на перверзната логика според која дојде времето на супериорната раса.

Кога му ги спомнав нацистичките масакри врз грчките цивили, Капнијас не сакаше ни да слушне за тоа. Во неговото толкување, тоа беа Британците, неговиот грчки шеф и левичарите кои ѝ ги донесоа масакрите на земјата. Не слушнав некој друг да го изговори зборот со толкава сласт сѐдодека Доналд Трамп не го употреби во својот инаугуративен говор во 2017 година. Кога го притиснав Капнијас да каже нешто за стотиците луѓе убиени од нацистите во блискиот град, тоа му послужи како шлагворте како чкрапалото: „Вистинските мажи ги елиминираат оние што им стојат на патот и на тој начин преживуваат. А ако умрат, преку смртта прифаќаат дека не се дораснати да живеат. Моите бели ангели беа над Бога. За разлика од Италијанците, Британците или овие наши толпи, тие не се колебаа да посегнат по екстремни мерки. Нема колебање! Нема страв! Нема страст! Нема љубов! Нема омраза! Мораше да ги видиш со свои очи. Тие беа величенствени!“

Додека го кажуваше ова, лицето му светна, а мојот згрозен израз го исполни неговото срце со задоволство.

Британските толпи кои ги предизвикаа безредијата чија мета беа имигрантите, поддржувачите на Алтернатива за Германија и повампирените бели супремацисти во Америка можеби не се толку гласни или артикулирани во изразувањето на нивните фашистички ставови, но психолошки тие потекнуваатод истото место како Капнијас, и од нивните примери можеме да извлечеме четири поуки.

Прво, фашистичкото насилство служи како средство за регрутирање. Неговата главна цел е да нѐ шокира за да ги осудиме сторителите, барајќи насилна полициска интервенција и долги затворски казни. Тоа е начин да се придобијат новите поддржувачи кои, како Капнијас, уживаат да нѐ гледаат како и нас нѐ обзема нивниот гнев.

Второ, фашистите не се ниту бранители, ниту градители на заедницата. Им оди од раце кога зборуваат за уништени заедници, но најблиску до градењето на заедницата се немирите и тирадите на социјалните мрежи, кога ја стимулираат потребата на луѓето за заедница, но никогаш не ја задоволуваат.

Трето, иако фашизмот е поттикнат од ефектите на драстичните мерки за штедење, фашистите никогаш не протестираат против таквите мерки. Тие мерки се безлични, за разлика од Евреите или барателите на азил со муслиманско потекло. И на фашизмот му требаат лица како фокусна точка на насилната омраза што ги движи.

Четврто, имигрантите не се важни овде. Како што ме научи Капнијас, фашистите со ентузијазам ги прифаќаат странците како нивни бели ангели, вклучувајќи ги и оние како Илон Маск или Доналд Трамп, кои се фалат со сопственото огромно богатство и го критикуваат кога се во прашање другите. Дури и да нема луѓе со потемна кожа или дојденци наоколу, фашистите ќе најдат некои Други кон кои ќе ја насочат својата омраза.

Овие четири лекции ни сугерираат што мора да избегнуваме. За почеток, кога владите и мејнстрим партиите ќе ја усвојат „лајт“ варијантата на антиимигрантските агенди, фашистите намирисуваат крв во водата и нивниот апетит за суровост експлодира. Слично на тоа, оние кои гледаат на фашистите како жртви на драстични мерки за штедење, лошо образование или лоша среќа ги прави уште побесни. Да им се каже дека антисемитизмот или исламофобијата се антикапитализам за будалите, исто така е некорисно – иако е вистина.

Што да правиме тогаш? Одговорот, би рекол, пак доаѓа од Британија, во форма на последниот филм на Кен Лоуч, „Стариот даб“, снимен по сценарио на Пол Лаверти. Кога група сириски бегалци пристигнува во руиниран град на северот на Англија, еден сопственик на паб и еден бегалец успеваат да ги неутрализираат тензиите меѓу дојденците и налутените староседелци деиндустријализацијата и радикалното  штедење ги направи да бидат подложни на фашистичкиот начин на размислување. Под слоганот „да јадеме заедно, да се држиме заедно“, тие отвораат народна кујна во која не се толерираат фашистички тропи, ниту пак некој смее да биде малтретиран, омаловажуван или нападнат.

Моралната чистота на „Стариот даб“ и силата на солидарноста на која ѝ се оддава почит, е исто толку добар модерен водич за тоа како да се спречат жртвите да се свртат една против друга или што било друго во тој смсол. Неговата порака е универзална: ништо од она што го носи повампирениот фашизам не е неизбежно.

(Јанис Варуфакис, поранешен министер за финансии на Грција, е лидер на партијата МеРА25 и професор по економија на Универзитетот во Атина. Текстот е дел од мрежата на „Проект синдикејт“.)