Шербеџија му гостува на новиот албум на Иван Кукиќ во издание на „Кроација рекордс“
Македонскиот кантавтор, мултиинструменталист и продуцент Иван Кукиќ го објави новиот албум „Začarani krug“, издание кое носи единаесет авторски песни и го продолжува неговиот препознатлив музички пат на кој спојува различни жанровски влијанија и врвно музичко мајсторство.
По албумот „Sunday vibes“, објавен во 2023 година за Croatia Records, Кукиќ, и овој пат под закрилата на најголемата дискографска куќа во регионот, се претставува со ново студиско издание на кое повторно го потврдува својот талент како композитор, аранжер, инструменталист и продуцент. Како автор и продуцент на албумот, Кукиќ собра врвна екипа музичари кои со своите изведби дополнително го збогатија звукот на ова издание.
Покрај Иван Кукиќ, кој на албумот свири бас-гитара и акустична гитара и ги изведува вокалните делници, на албумот учествуваат Зоран Трендов на гитара, Влатко Сапламаев на клавијатури, Марјан Стоилов на тапани, Стојан Иванов на перкусии, Слободан Кржев на ритам-гитара и саксофонистот Кирил Кузманов.
Посебна вредност на албумот му даваат и гостинските музичари. Кирил Кузманов гостува на песната „Одам“, Васко Тодоров на композицијата „Без компас“, додека во песната „Молитва за љубав“ се појавува легендарниот актер и поет Раде Шербеџија.
Албумот е мастериран од Борис Шурлан во Midnight Studio, насловната фотографија е дело на Георги Кончалиев, додека за ликовното обликување е заслужен Оскар Пигац.
Иван Кукиќ со музичко творештво се занимава од најрана младост, а веќе долг низ години дејствува и како басист во составот Влатко Стефановски Трио. Покрај настапите со Влатко Стефановски, успешно го развива и сопствениот авторски пат низ музика која ги спојува рокот, џезот, world music и современиот кантавторски израз.
Албумот „Začarani krug“ е достапен како CD издание и може да се купи онлајн.