Се откажува ли ВМРО-ДПМНЕ од финансиската дисциплина?


МИРЧЕ ЈОВАНОВСКИ

Пораката на Игор Јанушев дека ќе го укинат извршувањето на куќи и станови, можеби ќе привлече некој глас повеќе, но негативните ефекти можат да бидат многу поголеми

Како да им се помогне на граѓаните што должат, но истовремено да не се наруши и правото на доверителите да ги наплатат своите побарувања? Ова чувствително прашање се појави во финишот на изборната кампања кога вчера носителот на листата од ВМРО-ДПМНЕ во Изборна единица 3, Игор Јанушев, најави дека ќе го укинат извршувањето на куќи и станови.

„Македонија е заробена држава. Нема правда, нема систем. Се обврзуваме на нулта толеранција на корупција и непотизам во правосудството потоа на ветинг во правосудството; проверка на имотна состојба на носителите на јавни функции, ќе го укинеме извршувањето на куќи и станови“, вети Јанушев.

Ваквата порака на висок функционер во партија, којашто претендира да ја води државата во наредните четири години, можеби ќе привлече некој глас повеќе, но негативните ефекти можат да бидат многу поголеми. Убаво е да им се помага на оние кои не по своја вина западнале во должничко ропство и кога со разни манипулации и малверзации на нотари, извршители, судови, компании и поединци некој минимален долг се зголемува многукратно и станува неподнослив товар за должникот. Такви примери има многу и на таквите малверзации мора да им се стави крај, особено што тоа го овозможува системот. Кој, патем, беше создаден токму во времето на претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш беше донесен и Закон за финансиска дисциплина со цел да се стави ред во хаосот, но тој никогаш не ги даде очекуваните ефекти.

За злоупотреби и малверзации, или ако станува збор за лихварство, треба да има нулта толеранција.

Но, приказната има и друга страна – што е со правото на доверителите? Кога тие во правна постапка, со взаемно почитување на волјата ќе склучат договор и кога едната страна нема да може да го исполни? Во такви случаи секаде во светот, особено во земјите кои претендираат да имаат функционални пазарни економии се активираат механизмите за заштита, вклучувајќи во крајна инстанца и посегнување по хипотека, но преку судска постапка.

Пораките како оваа на Јанушев за последица може да имааат сосема спротивни ефекти од она што сака да се постигне (претпоставуваме – да им се помогне на граѓаните) – тоа може да значи иницијална каписла за масовно избегнување да се плаќаат обврските кон банките, но и кон комуналните и други претпријатија и кон други доверители. Тоа, пак, може да предизвика далекусежни поседици не само врз делот на кредитирање на граѓаните и фирмите, туку и врз целата економија, бидејќи токму станбената изградба, купувањето на становите и нивното опремување ја зголемува вкупната потрошувачка и е еден од моторите на стопанскиот раст.

Каде се во таков случај принципите на пазарната економија? Или на владеење на правото?

Простување на долговите е леплива тема за политичарите, без оглед кој е на власт или дали станува збор за централна или за локална власт. Во минатото многу пати бевме сведоци да се простува неплатениот данок на имот, разни видови сметки, да им се простува на фирмите кои не уплаќале придонеси за вработените (или да се намали нивниот товар за одреден процент итн. ). Тоа е можеби во ред за политичарите, тие и онака не плаќаат од сопствениот џеб, туку работат со јавни, народни пари. И уште повеќе за должниците. Но, што да се прави со оние кои редовно ги плаќале своите обврски и кои прво гледале да ги платат, а дури потоа дали ќе имаат да го закрпат крајот на месецот? И дали и тие во иднина нема да кажат зошто да плаќам, кога еден ден и онака ќе ми ги простат долговите? 

Тоа во економијата некои го нарекуваат морален хазард, па наместо финансиска дисциплина, продуцира уште поголемо избегнување да се плаќаат обврските. Тоа е како лавина, без да може да се согледаат крајните последици.

Економистите одамна велат дека простувањето долгови не е праведна мерка и не гарантира фискална дисциплина и дека на оние кои имаат проблеми може да им се помогне преку други механизми – како што се социјална заштита, поголема минимална плата, поголема социјална помош…

Инаку, во програмата на ВМРО-ДПМНЕ мерката која ја спомена Јанушев е заведена како „Проект 25 – Уставно гарантираното право на домување на граѓанинот е посилно од кој било долг“. Во неа се вели дека ќе се укине извршувањето врз недвижност која е единствен дом на граѓанинот, „освен во случаите на хипотекарно обезбедените побарувања“.

„Оваа мерка се применува само кога се извршува по основ на наплата на паричен долг кога врз недвижноста не постои заложно право. Доколку недвижноста се употребува за домување на граѓанинот-должник, нема да биде возможно одземање на недвижноста заради наплата на долг, без оглед која е висината на долгот“, стои во програмата „Обнова на Макеоднија“, при што е даден и рок овој проект да се спроведе во 2021 година.

Но, тоа Јанушев не го кажа, што исто така е манипулирање со граѓаните и нивно доведување во заблуда.