СДСМ ќе го поддржи предлогот пратениците да имаат само македонско државјанство

Ако забраната за двојно државјанство се прошири и на функционерите, унгарскиот и српскиот пасош ќе го спасат Мицкоски од амбициите на Груевски


 

СДСМ ќе го поддржи предлогот пратениците во Собранието да имаат само македонско државјанство, што го поднесоа пет пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, предводени од Антонијо Милошоски.

Ставот го изнесе координаторот на пратеничката група Оливер Спасовски, по што беше изгласано предлогот по скратена постапка да влезе во процедура. Сепак, Спасовски се огради со оценката дека оваа измена на Законот за пратеници е чист популистички потег и дека не може да се обезбеди доказ дали некој пратеник има само македонско државјанство или има повеќе, поради што оваа измена е  неприменлива.

Тој исто така оцени дека не може за пратениците да важи едно правило, а за другите функционери не, па најави дека СДСМ ќе предложи проширување на забраната за двојно државјанство и за другите, наедно тврдејќи дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ има недостиг и не обезбедува тој да важи и за актуелниот состав на Собранието поради што СДСМ ќе поднесат амандман да се обезбеди и тоа. Предлогот потоа за ставање во процедура на измената беше изгласан со 77 гласа „за“ и само осум „против“. 

Инаку, освен Антонијо Милошоски, зад иницијативата застанаа Никола Мицевски, Марија Петрушевска, Бојан Стојаноски и Игор Здравковски, сите прозвани од СДСМ како пратеници со бугарско државјанство. Милошоски притоа ги повика пратениците на СДСМ да излезат и тоа тврдење да го изнесат надвор од Собранието, па низ судска постапка да докажуваат дека имаат бугарско државјанство, бидејќи според него станува збор за шпекулација. 

Претходно ваквите тврдења пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ ги нарече  „меур од сапуница“ кој со измените ќе се распрсне.

„Потписници на оваа измена на Законот за пратеници се токму актуелни пратеници од оваа листа што ја вадат од СДС: Антонијо Милошоски, Никола Мицевски, Бојан Стојаноски, Игор Здравковски и Марија Петрушевска. Ако Антонијо Милошоски има бугарски пасош, дрско е тој да биде потписник. Предлогот е кандидатите за пратеници, кога ќе има следни избори, ако имаат двојно државјанство, да не можат да станат пратеници. Да видиме како ќе се изјаснат колегите од СДС и затоа велам – денес ќе пукне уште еден меур од сапуница од страна на СДС. Да видиме впрочем кој сѐ ќе гласа за, а кој блефира“, порача Стојаноска.

Тоа што на сите им е јасно дека давањето државјанство е дискрециско право и дека е таков и пристапот до тие бази, го отвора прашањето дали зад оваа иницијатива стои само чист популизам и обид да се „испере“ образот од страна на пратеници кои имаат ваков документ, или пак некоја друга причина која ги засега и пратениците Албанци во Собранието кои имаат и албански државјанства, како и можните идни пратеници од редот на тие што се декларираат како наши граѓани, но и Бугари со пасоши од соседната држава.

На удар на крајот ќе се најде и екс-премиерот и азилант Никола Груевски, за кого деновиве се врти шпекулацијата дека има унгарско и српско државјанство, па ако реши да се врати во Македонија ќе стане мислена именка да се најде на функција, ако се усвои проширувањето на забраната. Измената од друга страна ќе стане и силна алатка за бугарската пропаганда која може да тресе фотелји во Македонија, но по укинувањето на Балансерот кој обезбедуваше бројки за вклучување на малцинствата во управата, треба и да ги замисли дали е ова уште еден од низата превентивни потези за вклучувањето на Бугарите во Уставот. 

Ова секако праќа и сигнал до другите функционери и граѓани дека во иднина и нивната лојалност кон државата може да се најде под лупа, бидејќи некои привилегии од имањето бугарски пасош се видливи од далечина. Досега ваквите ограничувања важеа само за амбасадорите на Македонија, иако во практика не се применуваа речиси воопшто и општо познато е дека многу министри досега имаат пасоши на нашата, но и на други држави.

Инаку, мал е бројот на земји во Европа и во светот што имаат ограничувања или целосни забрани за двојно државјанство за јавни службеници, честопати со цел да се спречат  проблематична лојалност, безбедносни ризици или судир на интереси. Овие ограничувања се движат – од барање за откажување на второто државјанство пред преземање на функцијата, до целосни забрани за поседување двојно државјанство за кој било граѓанин.

Така, во Австралија, лицата со двојно државјанство не можат воопшто да бидат избрани во федералниот парламент, што доведе до значителна криза со подобноста во 2017–18 година, кога 15 пратеници беа прогласени за неподобни. Лица со двојни или повеќекратни државјанства не можат да вршат јавна функција ниту во Шри Ланка, во Филипини (ако го добиле со натурализација),  Мјанмар,  Израел (членовите на парламентот и дипломатите се должни да се откажат од какво било друго државјанство пред да започнат со функцијата), Кенија, Колумбија (не можат да бидат министри за одбрана или надворешни работи), Гана (двојното државјанство е законски забрането за лица кои држат клучни јавни функции, како членови на парламентот, министри во кабинетот и дипломати) и Египет (забраната важи само за пратеници).

Има и земји кои генерално не дозволуваат двојно државјанство за ниту еден граѓанин:  Сингапур (мора да се откажат од второто), Јапонија (бара да изберат една националност и да се откажат од другата до 22 години),  Кина (не признава двојно државјанство, особено не кај лица на јавна функција), Индија (државјанството автоматски се губи ако се стекне друго државјанство), Саудиска Арабија, Кувајт, Катар и  ОАЕ (генерално не дозволуваат двојно државјанство). 

Во САД иако двојното државјанство е дозволено, тоа може да предизвика проблеми за високите функционери – на пример, при добивање на безбедносни дозволи или ако се смета дека странското државјанство е во конфликт со американските интереси. Велика Британија и Канада генерално дозволуваат двојни државјани да служат на јавни функции, но постојат некои ограничувања во врска со членството во странски законодавни тела. Во Швајцарија двојното државјанство не е нелегално, но постои висок политички притисок врз политичарите (како федералните советници) да имаат само швајцарско државјанство.

Сепак, повеќето европски земји сега дозволуваат двојно државјанство, овозможувајќи им на поединците да поседуваат два пасоши истовремено. Тоа ги вклучува Германија (од 2024 година), Португалија, Ирска, Италија, Франција, Чешка, Данска, Финска, Латвија, Франција, Грција, Унгарија, Полска, Ирска, Малта, Романија, Луксембург  и Шведска, додека Словачка и Словенија имаат одредени ограничувања за доброволно стекнување на двоен пасош.

Практично, малку се земјите во Европа кои сè уште забрануваат или строго го ограничуваат двојното државјанство, честопати барајќи од натурализираните странци да се откажат од своето поранешно државјанство. Тоа важи за Австрија, каде што генерално се забранува двојно државјанство, освен ако не е стекнато при раѓање или дадено со посебна извршна дозвола во „национален интерес“, за Холандија каде што се бара откажување од државјанство во повеќето случаи, иако постојат исклучоци за брак со холандски државјанин или ако откажувањето е правно невозможно. Во Шпанија каде што натурализираните граѓани обично мора да се откажат од своето претходно државјанство освен ако не се од „ибероамерикански“ земји, за Литванија и Естонија кои одржуваат строги правила со многу ограничени исклучоци, а  првенствено за потомци на оние кои биле протерани од двете земји, како и за Андора, Монако и Сан Марино – кои воопшто не признаваат двојно државјанство и бараат одрекување од постојното новите државјани. (С.Ј.)