СДСМ бара Владата да објави според каква анализа водата во Гостивар е технички безбедна
Владата веднаш јавно да ги објави параметрите според кои одлучи да ја прогласи за технички исправна водата во Гостивар, бараат од опозициската партија СДСМ.
Во соопштението од партијата се проблематизира тоа што Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а не здравствените институции, ја соопштил одлуката, и тоа без граѓаните да ги имаат резултатите од испитувањето на водата. Оттаму бараат Владата да го објави официјалниот документ со анализите на водата, да соопшти кој институт ги изработил, кој ја потпишал одлуката и врз основа на кои наоди е дозволена техничката употреба на водата во Гостивар.
Според СДСМ, мора да се објави врз основа на кои микробиолошки и здравствени параметри е утврдено дека водата може да се користи за техничка употреба, како и дали е безбедна за лична хигиена, особено за деца, повозрасни лица и други ранливи категории.
Партијата смета дека одговорите треба да ги дадат Институтот за јавно здравје и другите надлежни здравствени институции, а не Министерството за внатрешни работи.