Пожарникарите сѐ уште се справуваат со пожарот над Прилеп, засега Трескавец не е во опасност
Голем пожар избувнал вчера попладне во местото викано Заград кај Прилеп, при што биле зафатени сува трева, викенд-куќа и околу 25 декари земјиште засадено со лешници.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен на 26 јули во 16:16 часот во ОВР Прилеп.
На местото интервенирала екипа на Територијалната противпожарна единица Прилеп, која успеала да го локализира пожарот. Во тек се активности за негово целосно гаснење.
Засега не се соопштени информации за причините за избувнувањето на пожарот, ниту дали има повредени лица.
Повеќе од 20 часа прилепските пожарникари и надлежните се справуваат со пожарот над Прилеп, зад Варош и месноста Заград. Ноќеска до полноќ, а потоа и од три часот изутрината досега е битката со овој пожар. Не е во опасност ниту манастирот Трескавец, а досега нема пријавено штети на објекти и викендички. На терен сега се осуммина професионалци кои спречуваат да се шират жариштата. Нема материјална штета зашто теренот е карпест со ниска, сува вегетација. На овој локалитет секоја година има пожари.