УХМР попладнево најавува невремиња


Фото: Б. Грданоски

Попладнево во повеќе делови од Македонија се очекува нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, предупредува Управата за хидрометеоролошки работи.

Локално облачните процеси може да прераснат во краткотрајно невреме со ветер посилен од 60 километри на час, електрични празнења и изолирана појава на град. Дневните температури ќе се движат од 27 до 35 степени.

Нестабилно време се очекува и во Скопје, каде во делови од котлината се можни интензивен дожд, грмежи, силен ветер и појава на град. Максималната температура ќе достигне околу 32 степени.

Пообилни врнежи се очекуваат во западните подрачја, каде локално може да наврнат над 30 литри дожд на квадратен метар. Во Полошко, источните и дел од централните подрачја се најавува ветер што наместа ќе достигнува брзина од околу 60 километри на час.

Нестабилноста нема долго да се задржи. Од вторник, под влијание на поле со висок воздушен притисок, следува период на претежно стабилно, сончево и потопло време.