Сараево филм фестивал: Ѕвезди и локалци

Познатиот американски актер, режисер и драматург Џеси Ајзенберг, пак, ќе биде почесен гостин на годинашниот Сараевски филмски фестивал


 

БиХ -Сараево е моментно центарот на филмската уметност во регионот. Од утре почнува 28 издание на култниот фестивал , кој е под покровителство на УНЕСКО.

Филмскиот фестивал во Сараево формиран во 1995 година од група ентузијасти, денес прерасна во најголем фестивал на филмот од Виена до Истанбул. Директорот на СФФ е Јован Марјановиќ,  поранешен шеф на секторот за индустрија на фестивалот, преземајќи го кормилото кога директорот и основач на фестивалот Мирсад Пуриватра кој по 27 години се повлече од функцијата во февруари.

Фестивалот, освен по квалитетни филмови и светски ѕвезди, е препознатлив и по црвениот килим на кој традиционално дефилираат и ѕвезди од регионот.

Јован Марјановиќ, новиот директор наа СФФ, верува дека ова му дава единствена одговорност на фестивалот во ангажманот со Украина

Педесетина филмови во четири натпреварувачки програми ќе се борат за наградите „Срцето на Сараево”, на 28. издание на Сараевскиот филмски фестивал, кој ќе трае до 19 август.

Сараевскиот фестивал ќе биде отворен со добитникот на „Златната палма“ за најдобар филм на годинашниот Кански фестивал – „Триаголник на тагата“ (Triangle Of Sadness) на Рубен Остлунд, социјална сатира чија сторија зборува за тонењето на крстосувач во кој се возат многу богати луѓе, а преживеаните се спасуваат на пуст остров. На свеченото отворање на фестивалот, непосредно пред прикажувањето на филмот, на шведскиот режисер Остлунд, кој пред неколку години беше претседател на жирито во Сараево, ќе му биде врачена наградата „Почесно срце на Сараево“.

Филмови од главната програма

Во главната конкуренција за најдобар игран филм на Сараевскиот филмски фестивал ќе се натпреваруваат осум филма, по избор на селекторката Елма Татарагиќ, од кои четири ќе имаат свои светски премиери, а четири регионални. Светска премиера ќе имаат босанскиот „Балада“ на режисерката Аида Бегиќ, романско-бугарскиот „Мажи на дело“ на Паул Негоеску, „Јавачи“ на Доминик Менцеј, унгарскиот „Шест недели“ на Ноеми Вероника Сакоњи, додека со регионални премиери ќе се претстават украинско-турскиот „Клондајк“ на Марина Ер Горбах, „Корсет“ на Мари Кројцер, австрискиот „Јас ќе служам“ на Рут Мадер и хрватскиот „Сигурно место“ на Јурај Леротиќ.

Жирито на главната натпреварувачка програма ќе го сочинуваат австрискиот режисер и сценарист Себастијан Мајс, како претседател на жирито, режисерката и сценаристка од Франција Лусил Хаџихалиловиќ, хрватско-американската писателка Антонета Аламат- Кусијановиќ, актерот Милан Мариќ од Србија и продуцентот Катриел Шору од Израел.

Филмови од документарната програма

Во програмата на документарен филм, пак, ќе се натпреваруваат 22 филма по избор на селекторката Рада Шешиќ. Во оваа програма, за наградите „Срцето на Сараево” ќе се натпреварува и македонско-германската копродукција „Повлекување“ (Retreat), во режија на Анабела Ангеловска. Филмот го прикажува животот на дел од илјадниците македонски работници, мажи и жени, кои по повлекувањето на американските војници од Авганистан минатото лето, се вратија дома. Во текот на изминатите дваесет години, тие беа регрутирани да работат во кујните и во пералниците на американските воени бази во Авганистан и во Ирак.

Во рамки на документарната програма ќе се прикажат и украинскиот „Дневникот на Христовата невеста“, босанскиот „Светлата на Сараево“, унгарско-хрватскиот „Посета на Фортуната“, украинскиот „Литургија на противтенковските пречки“, азербејџанскиот „Во сенка на чинарот“…

Во натпреварувачката програма за кратки филмови, пак, ќе бидат прикажани 10 остварувања, додека во студентската – 11 наслови.

На фестивалот, освен на Рубен Остлунд и на американскиот режисер и сценарист Пол Шрадер, и на украинскиот режисер Сергеј Лозница ќе му биде доделена наградата „Почесно срце на Сараево“.

Познатиот американски актер, режисер и драматург Џеси Ајзенберг, пак, ќе биде почесен гостин на годинашниот Сараевски филмски фестивал. На 15 август, фестивалот ќе му оддаде почит на Ајзенберг со наградата „Срцето на Сараево“, пред специјалната проекција на неговото режисерско деби „Кога ќе завршиш со спасување на светот“ (When You Finish Saving The World).