САД откажуваат дел од воената соработка со Канада


Вашингтон – Министерство за одбрана на САД прекинува дел од военната соработка со Канада, соопшти високопоставен претставник на Пентагон.

Одлуката доаѓа во услови на зголемени тензии меѓу двете соседни земји и обвинувања од Вашингтон дека Канада не ги исполнува своите обврски во областа на одбраната.

Заменик-министерот за одбрана на САД за политички прашања, Елбриџ Колби преку статус на мрежата„Икс“ изјави дека САД ја замрзнуваат работата во рамките на Заедничкиот совет за одбрана, бидејќи Канада, според него, не инвестира доволно во сопствените одбранбени капацитети.

Тој додаде дека „разликата меѓу реториката и реалноста не може повеќе да се игнорира“.

Советот за одбрана е билатерално тело за соработка меѓу Соединети Американски Држави и Канада, основано во 1940 година, што има за цел координација на безбедносните и одбранбените политики меѓу двете земји, преку редовни консултации меѓу високи воени и владини претставници.

Односите меѓу двете земји се влошија по враќањето на Доналд Трамп на власт во 2025 година, поради воведените трговски тарифи и неговите изјави поврзани со Канада.