САД одобрија продажба на оружје за Украина во вредност од 373 милиони долари


Вашингтон – Соединетите Американски Држави одобрија потенцијална продажба на оружје за Украина во вредност од 373,6 милиони долари (319,5 милиони евра), која вклучува комплети за бомби со ГПС-наведување, соопшти Стејт департментот, пренесува Анадолија.

Во соопштението се наведува дека е одобрена продажбата на комплети „JDAM-ER“ (Joint Direct Attack Munition – Extended Range) и придружна опрема за Киев, во рамките на програмата за странски воени продажби (Foreign Military Sales).

Пакетот опфаќа 1.200 опашни комплети „KMU-572 JDAM“ и 332 опашни комплети „KMU-556 JDAM“, како и системи за детонација, резервни делови, логистичка поддршка и техничка документација.

„Предложената продажба ќе ги поддржи надворешнополитичките и безбедносните цели на Соединетите Американски Држави преку зајакнување на безбедноста на партнерска земја, која претставува фактор за политичка стабилност и економски напредок во Европа“, се додава во соопштението.