Руте во посета на Украина, два дена по преземањето на функцијата


Киев – Новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте денеска е во посета на Украина, два дена по преземањето на функцијата, јавија светските агенции.

Ова е прва посета на Руте во странство откако тој ја презеде функцијата шеф на Алијансата. Руте се сретна во Киев со украинскиот претседател Володимир Зеленски за да го увери дека НАТО ќе продолжи да го поддржува, во услови на страшна ситуација на фронтот, каде руските војници вчера го зазедоа важниот град Угледар во источниот регион Доњецк.

Зеленски му рекол на Руте дека би сакал западните сојузници да соборат руски ракети и беспилотни летала над Украина, како што направија со иранските над Израел пред два дена. Тој, исто така, ги повика да ги прошират нападите длабоко на руска територија, прашање за кое засега нема консензус.

На својата прва прес-конференција по преземањето на функцијата, новиот генерален секретар на НАТО вчера рече дека правото на самоодбрана вклучува уништување цели на територија на противникот, како што е пропишано во меѓународното право.