Русите планираат да воведат квоти за извоз на гориво


Складови за нафта на „Роснефт“ во Туапсе, Русија

Русија може да воведе извозни квоти за гориво доколку целосната забрана за извоз не ги намали упорно високите цени на бензинот и дизелот, изјави вицепремиерот Александар Новак. Министерот Новак на средба со високи менаџери на руски нафтени компании изјави дека забраната за извоз на бензин и дизел првично довела до пад на цените на берзата, соопшти владата доцна синоќа преку соопштение за медиумите, пренесе Хина.

„Поради забраната за извоз на бензин и дизел гориво, бележиме пад на цените на берзата. Очекуваме намалувањето на тие цени да се пренесе и на сегментот на големо и мало, како и на земјоделските производители“, рече Новак, според соопштението на Владата.

„Зголемувањето на цените е неприфатливо. Доколку ситуацијата не се промени, ќе се преземат строги регулаторни мерки, како оние што се на сила на пазарот на вештачки ѓубрива“, додаде тој. Производителите мора итно да преземат мерки кои ќе ги намалат цените на горивата кај нив и на бензинските пумпи на нафтени производители и независни компании, заклучил министерот на средбата, се наведува во соопштението.

Малопродажните цени (на горивото) треба да се намалат наскоро“, нагласи Новак.

Кремљ и Министерството за енергетика објавија дека привремената забрана за извоз на гориво, воведена на 21 септември, ќе остане во сила додека не се стабилизира домашниот пазар на гориво. Аналитичарите очекуваат дека ќе потрае уште неколку недели, до крајот на жетвата и периодот на врвот на побарувачката.

Предлогот за регулирање на пазарот на горива, по моделот на мерки на пазарот на ѓубрива, го претстави претседателот Владимир Путин на владина седница во средата. Москва привремено воведе извозни квоти за некои ѓубрива на крајот на 2021 година за да обезбеди доволно снабдување на домашниот пазар, но постојано ги продолжува, забележува Ројтерс.

Веднаш по стапувањето во сила на забраната за извоз, цените на горивата благо паднаа на стоковната берза во Санкт Петербург, но оттогаш се зајакнаа бидејќи Москва последователно одобри странски продажби на поморско гориво и дизел со висока содржина на сулфур.