Утре се одржува втората Конференција за недвижности во организација на ФОРТОНМКА


 

Во хотелот Дабл три (DoubleTree by Hilton) во Скопје утре ќе се одржи втората Конференција за комерцијални недвижности, во организација на ФОРТОНМКА. Конференцијата ќе биде домаќин на локални и меѓународни професионалци и ќе отвори дебата за најновите трендови и предизвици со кои се соочува индустријата за комерцијални недвижности.

Целта на Конференцијата за комерцијални недвижности е да овозможи квалитетна платформа за дијалог и размена на идеи и концепти преку јавна дебата, со цел да се најдат одговори за важните прашања на пазарот на недвижности.

Конференцијата и оваа година има богата програма, составена од шест панели на кои ќе бидат изложени различни теми на кои сопствениците и претставниците на најголемите компании учесници во создавањето на пазарот на недвижности од земјaта и регионот ќе разговараат за најактуелните проблематики што ја опкружуваат индустријата на комерцијални недвижности.
Воведно обраќање ќе има Катарина Николов, партнер и извршен директор на ФОРТОНМКА.

Првиот панел е под наслов „Финансирање на инвестициите во комерцијален недвижен имот“ и ќе отвори дискусија како финансиските институции реагираат на економската несигурност.
Панел дискусиите продолжуваат со темата „Урбанизација и урбанистичко планирање“, „Инвестиции во хотелски капацитети“, „Бизнис згради“ и „Сектор малопродажба“, на која ќе биде поттикната дискусија за различните формати за малопродажба со цел да се одговори на потребите на заедницата. Конференцијата ќе заврши со последниот панел под наслов „Пазар на станбен простор“, кој ќе отвори дебата за постоечките услови на пазарот на недвижности и за потенцијалните промени кои доаѓаат.