Русија се коцка во Казахстан

Ако Москва успее да го потпре режимот во Казахстан и да го направи повеќе проруски, тогаш централноазиската држава би можела, како Белорусија, да стане посигурен сојузник и партнер за Русија


Кремљ беше затекнат од ненадејната криза во Казахстан, која откако започна како протест против поскапувањата на горивото, се прошири низ огромната земја со молскавична брзина оваа недела и прерасна во насилство во поранешниот главен град Алмати. Само неколку дена пред Нова година, рускиот претседател Владимир Путин беше домаќин и на актуелниот казахстански претседател Касим-Жомарт Токаев и на неговиот многу влијателен претходник и покровител Нурсултан Назарбаев во Санкт Петербург на неформалниот самит на неколку постсоветски лидери. Ништо од она што се случи не се очекуваше тогаш.

Само што двајцата лидери се вратија дома, избувнаа протестите. Поттикнати од отстранувањето на ограничувањето на цената на горивото за возилата, самите протести добија енергија од широко распространетите чувства на нееднаквост, сиромаштија и корупција. Во рок од три дена, владините згради и полициските возила беа запалени, банките и продавниците беа ограбени, а меѓународниот аеродром во Алмати беше окупиран од демонстранти. Додека полицијата се обидуваше да ја врати контролата над Алмати, десетици демонстранти и осумнаесет полицајци се убиени.

Брзото ширење на протестите низ огромна земја, првичната слабост на одговорот на властите и сè понасилната природа на протестите го подигнаа сеништето на хаос во земјата која е сојузник на Русија во Организацијата за колективна безбедност, нејзин партнер во Евроазиската економска унија и нејзин сосед преку најдолгата копнена граница во светот (7.500 километри), која во суштина е незаштитена. Од 19-милионското население на Казахстан, 3,5 милиони се етнички Руси.

Во Москва никогаш немало никакви илузии за режимот во Казахстан. Некои од неговите карактеристики, како што е авторитаризмот, се сметаа за првенствено стабилизирачка карактеристика, додека други, како што е корупцијата, се сметаа за неизбежни во земја богата со нафта. Други, како што е мултивекторската надворешна политика на оваа централноазиска земја – чин на балансирање меѓу Русија, Кина, Западот и Турција, додека номинално е сојузник на Москва – беа едноставно иритирачки.

Во Казахстан, Русија го имаше истиот проблем како во Белорусија: владејачкиот режим успеа да ги монополизира политичките контакти на Москва во земјата. Во политичката елита, секој за кој се сомневаше дека има премногу блиски врски со Русија беше сменет и изолиран. Згора на тоа, со цел да се зачуваат стабилните односи со важен сојузник, партнер и сосед, официјална Русија често замижува пред подемот на етничкиот казахстански национализам и извештаите за де факто дискриминација на етничките Руси во земјата.

Токаев во никој случај не е клиент на Москва, но сепак ако се дозволи (и Назарбаев, конечно) да биде соборен, според размислувањата на Москва, ќе им се овозможи на силите на ултра-национализмот да дојдат до израз, веројатно следени во одреден момент од исламистичките радикали. Така, Токаев мора да се спаси, исто како долгогодишниот лидер на Белорусија Александар Лукашенко во летото 2020 година, кога таму избија протести.

 

Руските падобрански единици влегуваат во авионот што ќе ги однесе во Казахстан (Фото: ТАСС)

 

За разлика од Лукашенко, сепак Токаев не е апсолутен владетел. Тој нема целосна моќ и авторитет, ниту неговите полициски и воени сили се мотивирани како нивните белоруски колеги сами да се справат со протестите. Со оглед на тоа што немирите не покажаа знаци на намалување, и покрај оставката на владата и отпуштањето на Назарбаев од страна на Токаев како претседател на Советот за безбедност на земјата, казахстанскиот претседател беше принуден да повика надворешна интервенција. На 5 јануари тој апелираше до Организацијата за колективна безбедност (ЦСТО) предводена од Русија за помош во борбата против, како што рече, „терористичка закана“ од банди обучени од странство. Овој аспект е важен: ЦСТО  е одбранбен сојуз чија надлежност не ги покрива домашните немири.

Русија реагираше брзо на апелот брзо и организираше мировни сили на ЦСТО, испраќајќи 3.000 падобранци во Казахстан на 6 јануари. Другите членки на ЦСТО – Ерменија, Белорусија, Киргистан и Таџикистан – исто така испраќаат симболични контингенти од меѓу седумдесет и 500 војници. Ова е првиот вистински ангажман на блокот од неговото основање во 1999 година. Чувствителна на народните чувства во Казахстан, Москва од самиот почеток беше внимателна да го ограничи мандатот на силите на обезбедување на стратешки инсталации и други важни имоти, оставајќи ја задачата на полицијата и армијата на Казахстан да се справи со демонстрантите.

Воената интервенција во Казахстан е важен потег на Русија и е полн со ризик. Ако мисијата на руските сили се прошири, тоа ќе доведе до масовно отуѓување на казахстанскиот народ од Русија, па дури и до нивно целосно непријателство и отпор. Ова, пак, ќе одекне во самата Русија, каде што првите анкети покажуваат дека двојно повеќе луѓе се против испраќањето на војници во Казахстан отколку што го поддржуваат овој потег.

Алтернативно, ако Русија успее да го потпре режимот и да го направи повеќе проруски – не само со зборови, туку и со дела – тогаш Казахстан, како Белорусија, би можел да стане посигурен сојузник и партнер за Русија. Мултивекторската надворешна политика на Нур-Султан тогаш ќе биде рационализирана, како што се случи неодамна во Минск и Ереван. Во овој момент, се чини дека шансите го фаворизираат второто сценарио, што ја објаснува одлуката на Кремљ да продолжи со интервенцијата.

(Дмитри Тренин е директор на Центарот Карнеги Москва, каде што е и објавен текстот)