Рубио: Русија и САД имаат долг пат пред себе, но двете страни постигнаа напредок

Шефот на норвешката дипломатија, Еспен Барт смета дека Путин на самитот „ги повторил неговите добро познати пропагандни наративи“


Доналд Трамп и Марко Рубио

 Русија и САД имаат долг пат пред себе, но двете страни постигнаа напредок за време на самитот во Алјаска, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио по разговорите меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин во Енкориџ.

-Сè уште имаме долг пат пред себе, но постигнавме напредок, изјави Рубио за рускиот „Прв канал“, пренесен од руските медиуми.

На прашањето дали резултатите од преговорите во Алјаска се поттик за мировниот процес во Украина, Рубио рече: „Се надеваме, затоа се сретнавме“.

Државниот секретар не објави кога се очекува следната средба на лидерите на Русија и САД, но изрази надеж дека тоа ќе се случи наскоро, пренесуваат руските медиуми.

Светските лидери реагираа на самитот меѓу американскиот претседателот, Доналд Трамп, и неговиот руски колега, Владимир Путин, а како што објавија медиумите, реакциите се поделени – некои го критикуваат недостигот на конкретни резултати, додека други ја нагласија важноста на самиот дијалог.

Шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, го пофали одржувањето на самитот и ја нагласи важноста на дијалогот.

„Светот е побезбедно место сè додека САД и Русија разговараат. Војната во Украина нема да се реши на фронтот, туку на преговарачката маса“, рече Сијарто, додавајќи дека Унгарија со години повикува на преговори, за разлика од, како што рече, „провоените политичари од Брисел“.

Шефот на норвешката дипломатија, Еспен Барт Ајде, пак, рече дека Путин на самитот „ги повторил неговите добро познати пропагандни наративи“ и оцени дека е потребно да се зголеми притисокот врз Москва.

„Мораме јасно да ѝ ставиме до знаење на Русија дека ќе ги сносат последиците. Путин се обидува да ги подели Европа и САД и ние мора да го спречиме тоа“, рече Ејде, додавајќи дека не очекува веднаш промени на фронтот во Украина.

Чешката министерка за одбрана, Јана Чернохова, оцени дека состанокот „не донел никаков суштински напредок“, туку ги откри, како што изјави, „вистинските мотиви и пропагандните цели на рускиот лидер“.

„Путин не бара мир, туку ги користи ваквите состаноци за да го ослаби западното единство и да ја оправда агресијата. Затоа е клучно Западот да остане обединет и упорен во својата поддршка за Украина“, напиша Чернохова на Платформа X.

Самитот во Алјаска траеше речиси три часа, но не доведе до мировен договор или прекин на огнот.

Украинската страна не беше вклучена во разговорите, а меѓународните набљудувачи истакнуваат дека останува неизвесно дали состанокот ќе иницира конкретни мировни иницијативи, јавија британските медиуми.