Розово


ЛЕЈЛА САБИТ

Нежни сте, се облекувате во розово, гледате на животот со розови очила или ја поддржувате кампањата против ракот на дојка?

Цел живот розовата боја ве одредува дале сте девојче или жена, дали сте маж или геј, дали врзувате панделка во коса или ја закачувате на ревер, дали бркате позиција во општеството или ја подигате свеста за здрав живот.

Дали сте пораснале или уште сте наивни, дали ве канат на розова прошетка или анонимно донирате финансиски средства, дали навистина им помагате на болните или само се сликате со амбасадорите.

Секој октомври, наместо цела година, нè преиспитува кај сме и што сме, дали сме ангели или ѓаволи, емотивни или разумни, оптимисти или песимисти, хумани или алчни, сеирџии или ангажирани, позери, лузери или победници, власт или опозиција, дали веруваме на статистиката или на шпекулациите, дали молчиме или отворено разговараме, дали не боли, или лажеме, сожалуваме или поддржуваме, се приклучуваме на трендот или одиме на прегледи, се едуцираме или парадираме.

Секој гест е поддршка, секоја нота или збор утеха, во борбата за живот, а не за борбата за политички поени.

Сите сме исти во среќата, ама сите различни во несреќата.

Болката не ја чувствува само заболениот туку и здравиот, семејството, комшиите, пријателите, околината и државата.

Розовата дискриминација нè погаѓа сите, нè дели на нормални и чудаци, на прифатени и откачени, на подобни и неподобни, на ниска и висока класа, на чесни и нечесни, а всушност во Македонија е сè обратно.

Затоа розовото нема врска со годините, полот, стилот, професијата или богатството.

Има со разумот, човечноста, хуманоста и со високата свест.

Помагајте и почитувајте од срце, животот е сепак поубав обоен во розово!