Романот „Маџун“ на Урошевиќ преведен на руски јазик


Фото: Б. Грданоски

Во Москва излезе од печат романот „Маџун” од Влада Урошевиќ преведен на руски јазик од Олга Панкина. Го објави Центарот за книга „Рудомино” кој ќе ја обезбеди натамошната дистрибуција на книгата на големото руско јазично подрачје.

„Маџун” е петто дело во едицијата „Македонскиот роман на 21 век” што ја приредува Панкина, која е познат популаризатор на македонските културни вредности во Русија. Таа почна да го реализира овој проект во 2014 година во соработка со Серуската државна библиотека за странска литература коjа располага со над пет милиони книги, а постојано го пополнува книжниот фонд со дела преведени од други јазици.

– Во рамките на тој проект значаен за двете земји веќе се објавени романите: „Храпешко” од Ермис Лафазановски, „Водена пирамида (Патот на јагулите)” од Луан Старова, „Дваесет и првиот” од Томислав Османли и „Азбука за непослушните” од Венко Андоновски. Преводот на „Маџун” на руски јазик претставува уште еден влог во зацврстувањето на културните врски што постојат помеѓу двете пријателски земји, Република Северна Македонија и Руската Федерација, наведува Панкина, која вели дека преводот на „Маџун“ е подарок за авторот Урошевиќ по повод неговиот 85-ти роденден.