Робин Худ од нашиот сокак


ЕРОЛ РИЗАОВ

Љубомир Фрчкоски и Александар Николоски дојдоа до исто сознание со чудесно откритие да го спасат и народот и државата и компаниите од последиците на опасната пандемија. Треба само со декрет на владата да се земат парите на богатите и да се поделат на погодените од кризата

 

Од Шервудската шума на Македонија се појавија истовремено двајца големи јунаци, познати актери  на политичката сцена, во улога на Робин Худ во 21 век. Љубомир Фрчкоски и Александар Николоски  дојдоа до исто сознание самостојно во одделни истражувања  со чудесно лесно откритие да го спасат и народот и државата и компаниите од последиците на опасната пандемија од која страда сиот свет, предизвикана од корона вирусот. Да се земат парите на богатите и да се поделат на погодените од кризата.

И готово, работата е завршена. Така ќе се спасат животите на многу луѓе, така ќе се заштити економијата. Оваа лесно леплива популистичка доктрина не би заслужила внимание да не е опасна заблуда, дури и да не се примени.

Како и сите големи изуми и овој за промена на светскиот општествено-политички и економски поредок е многу едноставен. Брзината на успехот еднаква е на теоријата на релативитет E=mc², па така наместо еден Ајнштајн сега имаме и Цвајнштајн. Во вонредна состојба еднаквоста меѓу банкротството и богатството станува лесно остварлива без револуции и крвопролевања. Владата треба само да донесе царски декрет да се одземат 33 отсто од профитите на банките и на центрите на моќ и парите да се поделат на погодените од кризата и сѐ ќе си дојде на свое место.

Кило мевце од волот

Тоа е како да си зел едно кило мевце од волот, вели нашиот Робин Худ, веројатно мисли на белите бубрези, а не од воловското срце.

Цвајнштајн е уште порадикален, тој би да конфискува и национализира топтан сѐ, без ограничувања и да се подели според потребите на секој што е засегнат, а и тоа што е веќе земено да не се врати. Убаво смислено и научно и партиски проучено.

Фрчкоски оди чекор понатаму во многу допадливо  елаборирање пред гневните луѓе на својата идеа и ја доградува теоријата на релативитет, по оваа пандемија техничката влада да создаде социјално општество како што досега никому не му успеало. Колку да не остане залудно своерачно напишано во Уставот дека Македонија е меѓу другото и социјална држава. „Владата да не се плаши да го чепне крупниот капитал и банките. И да им земе една третина од профитот за борбата со корона вирусот, како што тоа го направила владата во Полска“. Тоа  е клучен доказ за исправноста на теоријата на воспоставување на еднаквоста. Сѐ друго се безначајни детали, вели Робин Худ од нашиот сокак.

Ѓаволот се крие во деталите

Е, сега да ги видиме тие небитни детали кај што обично се крие ѓаволот. Чии се тие пари во банките. Прво, ако се мисли дека ќе им се земе кило мевце на банкарите за да се нахранат сиромашните многу згрешил во поставување на својата експериментална теорија, бидејќи го ставил часовникот во ѓезвето и гледа во јајцето за колку минути ќе се свари. Банкарите ќе си останат богати и без една третина и без една половина и без целиот лански и овогодишен профит. Цехот ќе го плати некој друг.

Банките, како што е општо познато, работат со парите на стотици илјади граѓани и со нивните штедни влогови кои се во износ од околу четири и пол милијарди евра. „Продаваат“, позајмуваат пари на стотици илјади граѓани и на компании, се разбира со добивка и со поголема камата од онаа што им ја исплаќаат на штедачите. Секоја опасност од загроза на штедните влогови и на стабилноста на денарот, дури и да е лажна, со вакви социјал-утопистички идеи може да предизвика стампедо пред банките, кое веќе еднаш го видовме при распадот на Југославија. Повозрасните генерации на неколку пати беа ограбени со обезвреднување на нивните пари и имоти со девалвации и инфлации.

Луѓето и фирмите кои имаат пари во банките и при најмал стрес  нема да чекаат да видат кој е во право, а кој не е кога се во прашање нивните пари и имоти.

Бодат очи дивидендите од берзанска коцкарница

Да ги видиме деталите околу дивидендите кои исто така бодат очи и ја вознемируваат јавноста, предизвикуваат гнев кај страдалниците, особено во кризи.

Чии се, пак, сега овие пари за дивиденди лесно заработени на туѓа мака. За да купиш акции кои овозможуваат да добиеш или да изгубиш пари во коцкарницата наречена берза треба да имаш пари и да си подготвен на ризик оти можеш и да загубиш. На пример, луѓето или компаниите кои купиле акции пред 15 години или пред еден месец дена, сеедно, веќе изгубиле од вредноста на вложените пари. Нивната цена на берзата расте, или паѓа не само во зависност од успехот на работењето на банките и на компаниите акционерски друштва, туку е во голема зависност и од падот и растот на економијата на светските берзи, од ненадејни кризи или какви било чувствителни потреси на пазарот.

Конечно, на крајот од годината некои од банките повеќе од половина од профитот во согласност со мнозинството акционери ги вложуваат добивките како резерви за непридвидени тешкотии во работењето и као гаранции за заштита на парите на штедачите и на своите комитенти. За спасителите безначајни детали се и фактите дека се плаќаат даноците и придонесите, се вложува во државата по повеќе законски основи, неважечки за нив е и фактот дека банките се строго контролирани за својата работа од Народната банка.

Чии пари ќе се одземат

И сега доаѓа еден мал детаљ, кој не е земен предвид како безболно со уредба на владата да се одземе една третина од профитот на банките, но притоа не се спомнува чии се тие пари. Голем дел од тие пари се на компаниите и граѓаните кои веќе изгубиле од вредноста на акциите. И кога треба да добијат извесен надомест за својот влог се заговара да им се одземе  еден дел од парите.

Дали тоа не е исто како да им конфискуваат една третина од добивките на сите граѓани и компании, вклучувајќи ги предлагачите на револуционерната национализација. Како тоа изгледа во конкретен случај: над илјада компании и фирми и уште толку луѓе имаат купено акции. Меѓу нив има голем број, да речеме, хотели, градежни фирми, транспортни, трговски препријатија, дистрибутери, ресторани, туристички агенции…  и многу други дејности кои се најпогодени од кризата и кои одвај чекаат со парите од дивиденда да покријат свои трошоци и загуби за да преживеат и да не отпуштаат работници. Исто така, и граѓаните акционери врз основа на дивидендата зеле кредити, или се задолжиле на друг начин, кои со овие приходи треба да ги покријат своите загуби и трошоци. И оп – наеднаш тие биле нечувствителни богаташи на кои треба да им се конфискува веќе планирано поарчената добивка додека вредноста на акциите поради кризата е во слободно паѓање. Тоа покрај научна било и социјалдемократска и вмровска идеологија за потребите на изборите.

Што ќе земат ако потрае кризата

Има уште мал милион детали кои не се земени при популистичките калкулации. Добивките на банките, како и на сите компании кои успеале да направат профит, се лански резултати. Најголемиот дел од нив годинава ќе работат со помала добивка, а некои и со загуба, ако кризата од корoна вирусот не се надмине за еден месец, или најмногу два, но многу поверојатно е дека кризата ќе потрае подолго и пожестоко.

Поучени од претходната светска економска криза која ја погоди и Македонија во 2008 и 2009 година видовме како најмоќните банки во светот банкротираа преку ноќ. Берзите паднаа како гнили круши во еден ден, вклучувајќи ја и нашата, па не можеа да се оправат со години, што беше сосема нормално сето тоа оди на сметка на вложувачите кои играат на рулетот берза. Соочени со последиците државите ги санираа банките. И сега, при пад на вредноста на нивните акции, дајте да им земеме од дивидендата, изедначувајќи ги со банкарите. Па не се бре сите тие банкари.

И уште нешто, бидејќи во светот ниту една банка не се соочи со предлог за ваква национализација за клучен аргумент спасителот ја избра полската банка ПКО. Изгледа не можел да најде друга. И тука има еден сосема мал „небитен“ детаљ. Таа голема полска банка е со мнозински државен капитал, а не е ни спроведена никаква национализација на нејзиниот профит. Македонија тоа веќе го направи со одземање на добивката од лани на државните компании и ги префрли  во буџетот. Дури државата и да прифати една ваква национализација на приватен имот ќе мора да го плати, но последиците никогаш не можат да се надоместат затоа што не се кило мевце, туку многу повеќе од цел вол.