Рикер нека не доаѓа повторно во август


Фото: Б. Грданоски

АЛЕКСАНДРА М.МИТЕВСКА

Пред стартот на политичката ферија во земјава, претседателот на парламентот Талат Џафери ги пакува куферите за одмор со надеж дека веднаш по враќањето на работа нема да мора повторно да му биде домаќин во парламентот на американскиот помошник-државен секретар Филип Рикер. Тој, минатата седмица во Скопје, без дипломатски ракавици, им порача на домашните политички фактори дека времето за игри е минато свршено, а богами и определено, со оглед на тоа што јасно посочи од каде доаѓаат блокадите на процесите. Во граматиката таа временска форма се нарекува аорист, додека во политиката едно такво предупредување, особено кога доаѓа однадвор, може да биде сигнал дека мотивите поради кои една политичка гарнитура се занимава со политички игри се толку проѕирни што се гледаат и „преку барата“. Затоа и високиот функционер на Стејт департментот, во идно време, ѝ порача на опозицијата дека од неа се очекува конструктивност за теми од кои зависат стратешките определби на земјата.
Ако се има предвид македонскиот политички менталитет на кусо паметење и брзо забошотување на еден скандал со друг, всушност, останува само надеж дека до 27 август, кога Џафери ја закажа седницата за новиот владин предлог-закон за јавното обвинителство, Рикер нема да мора повторно да доаѓа во земјава за да ја потсетува опозицијата дека треба да се „качи на бродот што плови кон ЕУ и НАТО“. Дотогаш има речиси цел еден месец во кој, наместо да се заборават, треба да се апсолвираат пораките на американскиот помошник-државен секретар или на еврокомесарот Јохан Хан – дека мора да се најде чаре за СЈО, наспроти внатрешнополитичките обиди еднаш засекогаш да му стави клуч на врата. Не поради тоа што така кажуваат Рикер и Хан, туку затоа што за сите поуспешни и порационални од нас тоа е најдоброто решение за пресметка со корупцијата.
Паралелниот предлог-закон за јавно обвинителство што го подготвува ВМРО-ДПМНЕ, всушност, е уште еден обид за саботирање наместо ревитализирање на СЈО. По повеќемесечни неуспешни преговори меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за статусот на СЈО, два закона со ист наслов и на иста тема, а со мошне различна содржина и суштина, можат само дополнително да го разводнат и одолговлечат процесот. Тоа, пак, во никој случај не е посакувана опција, особено со оглед на временската детерминираност во пресрет на есенската одлука дали Северна Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.
Од друга страна, опозицијата сама признава дека во владиниот предлог е вклучено нејзиното барање за интегрирање на СЈО во редовното обвинителство. Тоа јасно укажува дека при подготовката на законот во Министерството за правда се третирале и опозициските предлози кои не мора нужно да водат кон амнестија за случаите што произлегоа од масовното нелегално прислушување, а имајќи ја притоа предвид потребата од двотретинско мнозинство за донесување на регулативата.
Секако дека ВМРО-ДПМНЕ или дел од нејзините пратеници, со оглед на уставниот принцип според кој пратеник одлучува по сопствено убедување, имаат право да не се согласат со законските предлог-решенија за новиот концепт на функционирање на Јавното обвинителство. Ама проблемот е во тоа што опозицијата од старт го саботира(ше) обидот за продолжување на мандатот на СЈО – уште пред да избувне скандалот со „рекетот“, а игнорирајќи ја притоа можноста за амандмански интервенции во текот на процедурата за донесување на новиот закон. Од тој аспект, јасна е интенцијата да им се врзат рацете на обвинителите кои постапуваа по „бомбите“, наспроти потребата да се најде решение кое ќе овозможи целосно расчистување на аферата со масовното прислушување и предметите што произлегоа од него, за во иднина државата да не се најде пред слични предизвици како во 2015 година кои и доведоа до големата политичка криза во земјава.
Паралелниот закон за јавно обвинителство што се подготвува во „белата палата“ – само еден од раскошните објекти од времето на претходната власт кои се дел од предметите што се искристализираа од снимките од прислушувањето, е всушност врв на сите опозициски обиди за блокада на СЈО. ВМРО-ДПМНЕ може да излезе како добитник од тие дневнополитички маневри со тоа што преку можна пропаст на СЈО ќе им обезбеди слобода и „бегство“ од одговорност на своите поранешни функционери. Ама губитник ќе биде државата – дури и во случај по спореден пат да се обезбедат 80 гласа за законот за јавно обвинителство, според сличен принцип како за „преспанските“ уставни измени, кои беа донесени и покрај блокадата од ВМРО-ДПМНЕ. Но, цената на донесувањето на тие уставни измени беше превисока за штотуку воспоставените постулати за функционирање на правната држава. Тоа ја чинеше актуелната власт амнестија за 27 април 2017 година – нешто на што претходно инсистираше ВМРО-ДПМНЕ, а на крајот го обезбеди со самиот бојкот на имплементацијата на Преспанскиот договор…
Конечно, факт е дека со скандалот „Рекет“ е нарушен кредибилитетот на СЈО. Макар и да се докаже дека специјалната јавна обвинителка нема никаква допирна точка со случајот, оваа институција тешко ќе ги поврати старата слава и доверба – барем не врз основа на концептот на кој беше формирана. Затоа и не е лоша идејата иднината на СЈО да се обезбеди преку друг модел на функционирање. Односно преку одземање на специјалниот статус на ова обвинителство и негово вклучување во редовното обвинителство. Но, притоа треба да се има предвид дека и во правото и во политиката одговорноста не може да биде колективна, туку мора да биде на индивидуално ниво. Во тој контекст, ирационално е сите обвинители во СЈО априори да бидат прогласени за „неодговорни“. И нелогично е целиот тим на Катица Јанева да биде дисквалификуван поради нејзина евентуална вмешаност во „рекетот“, за потоа некои нови обвинители од почеток да ги преслушуваат снимките, да ги прибираат доказите, да ги сослушуваат осомничените и сведоците… Евентуално такво враќање на почеток може да води само кон застарување или забошотување на предметите од „бомбите“, нешто што јасно кажаа дека не смее да се случи и Хан и Рикер.