Путин не планира да му честита на Трамп
Рускиот претседател Владимир Путин не планира да му се јави на новоизбраниот републикански претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп за да му ја честита изборната победа, изјави во средата портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Не сум запознаен со плановите на претседателот да му честита на Трамп за изборот“, рече Песков на утринскиот брифинг со новинарите.
„Да не заборавиме дека зборуваме за непријателска земја која директно и индиректно е вклучена во војната против нашата држава“, додаде тој.
Путин беше еден од првите светски лидери што испрати честитка до Трамп за неговата победа на претседателските избори во САД во 2016 година.
Запрашан дали одлуката на Путин да не му честита на Трамп може да ги влоши односите меѓу САД и Русија, Песков рече дека „тоа е речиси невозможно“, бидејќи односите меѓу двете земји се „на историски најниска точка“, објави Интерфакс.
„Што ќе се случи понатаму зависи од американското раководство. Претседателот Путин во повеќе наврати изјави дека е отворен за конструктивен дијалог, заснован на правичност, еднаквост и подготвеност да се земат предвид меѓусебните грижи“, рече Песков, додавајќи: „Во моментов, администрацијата на САД има дијаметрално спротивен став. Ќе видиме што ќе се случи во јануари“.
Зборувајќи за ветувањето на Трамп дека ќе стави крај на војната во Украина, Песков рече дека Русија чека да види што ќе направи Трамп откако ќе дојде на функцијата пред да ги започне преговорите.
„Еднаш [во Овалната соба], изјавите понекогаш можат да добијат поинаков тон. Затоа велиме дека сè внимателно анализираме, сè следиме и ќе извлечеме заклучоци од конкретни зборови и конкретни постапки“, рече тој.