Првата проба на 8 мај: Автентичниот звук е адут на Гарванлиев на Евросонг во Ротердам
Полуфиналните вечери ќе се случат на 18 и 20 мај, додека финалето е закажано на 22 мај. Васил настапува во првото полуфинале, 6-ти по ред
На 24 мај 1964 година се случи првиот избор за песна на Евровизија, музички натпревар организиран од Европската Радиодифузна Унија и традицијата на ова музичко обединување на Европа трае веќе 65 години. Јубилејното издание на најголемото аудио-визуелно шоу на континентот не блесна во полн сјај минатата година, од причини кои денес веќе ги нарекуваме новото нормално, но гледајќи на позитивната страна, земјите учеснички добија втора шанса за прв впечаток, а Европа по втор пат е во еуфорија и исчекување на 65-тиот евровизиски јубилеј.

Земјите учеснички имаа избор, но како и повеќето Јавни сервиси од Европа, така и МРТ одлучи минатогодишниот избраник Васил Гарванлиев и оваа година да ја претставува земјата на натпреварот. Прва асоцијација за овој уметник е “Марионка”, рефрен кој ретко кое дете растено во 90тите не го памети, а неговата музичка историја и географија е исклучително богата и широка, вклучувајќи престижни музички центри низ светот до чија програма стигнуваат само најдобрите во фелата како на пример Карнеги хол во Њујорк, Кралскиот музички конзерваториум во Торонто, а на кратко и во Ла Скала во Милано.
Листата на соработки со светски музички имиња е навистина импресивна и опфаќа врвни артисти од поп и класичната музика како Селин Дион, Џули Ендрус, Нели Фуртадо, Енрике Иглесиас, светски познатиот челист Јо-Јо Ма и многу други.
Особено значаен е фактот што Васил Гарванлиев деновиве доби поддршка од Мицуко Ушида, пијанистка и диригентка од светски ранг. Во светот на класичната музика опишувана токму како еден од најзначајните музичари на денешницата. Позната по нејзината интерпретација на дела од Моцарт, Шуберт, Шуман и Бетовен, таа има настапувано со Берлинската и Лондонската филхармонија, а меѓу другото е и добитник на Греми.
Песната со која Васил Гарванлиев ќе ја претставува земјата е “Here I stand” и ја напиша самиот тој, како што вели, во еден здив, додека пак во аранжирањето и оркестрацијата се вклучија Борче Кузмановски и Давор Јордановски. Песната го истакнува класичниот вокaлен тренинг на артистот, што во комбинација со класичарската музичко-сценска дисциплина е одлична формула за успешно справување со евровизиските предизвици. Но, можеби најсилниот адут во пакетот е природноста и автентичноста на звукот, затоа што Гарванлиев во композицијата е целосно свој.
Костимот за препознатливиот евровизиски црвен килим е креација на Раде Василев & amp; Tип Топ, додека пак костимот за на сцена Василев го креира во соработка со Signori.
Поради скратениот буџет за реализација на проектот и условите коишто ги наметна пандемијата, екипата од МРТ која ќе патува во Ротердам е исклучително мала. Покрај Васил Гарванлиев во Холандија ќе патува Александра Јовановска, новинар кој одлично ги познава евровизиските протоколи и режисерката Тине Матулеси, која го осмисли досега најуспешниот македонски евровизиски настап во 2019та година, но и многу други впечатливи евровизиски настапи.
Како поддршка со свои ресурси кон тимот ќе се придружат Јелмаз Дервиши, како ПР на Гарванлиев и Расел Дејвис долгогодишен волонтерски соработник на македонската делегација. Џозефин Ли и Брајан Фарина во Ротердам ќе долетаат дури од Чикаго, кои како менаџерско-продуцентски тим се долгогодишни соработници на Гарванлиев.

Првата проба во Ротердам ќе се случи на 8 мај и тогаш се очекуваат попрецизни прогнози околу пласманот на учесниците, но искуството покажало дека не постојат правила до последниот момент и од есенцијално значење е позитивната мисла и безрезервна поддршка на избраните претставници. Полуфиналните вечери ќе се случат на 18 и 20 мај, додека финалето е закажано на 22 мај. Васил настапува во првото полуфинале, 6-ти по ред.
Директните преноси од сите три евровизиски вечери ќе можете да ги проследите на Првиот и Вториот канал на Македонската телевизија, како и на Првата програма на Македонското радио, со почеток во 21 часот.