Прва потврдена смрт на воениот брод „Москва“
Новинарите од украинскиот сервис на Радио Слобода соопштија дека потврдиле еден смртен случај при потонувањето на рускиот воен брод „Москва“, и покрај тоа што руските власти не соопштија за жртви.
Тие забележале дека веста за смртта на морнарот Иван Вахрушев (41) била објавена од неговата сопруга на руската социјална мрежа Однокласники (соученици).
„Нашиот херој! Тој загина вршејќи ја својата должност. Се бореше до последниот здив за животот на бродот. Ние сме во солзи и во жалост. Секогаш ќе бидш херој во нашите срца”, напиша таа на страницата. .
Варвара Вахрушева пред новинарите изјави дека нејзиниот сопруг починал од потонувањето. Таа беше известена за неговата смрт на 14 април, додавајќи дека неговото тело е пронајдено, но околностите за неговата смрт не се откриени.
Вахрушева рече дека уште 27 членови на екипажот се водат за исчезнати, но нема официјална потврда за тоа.
Во саботата руското Министерство за одбрана објави видео снимка од парадата во Севастопол на, како што рече, морнарите од потонатиот брод, што е првиот понуден доказ за преживување на кој било морнар од бродот.
Нив ги пречека врховниот командант на морнарицата, адмиралот Николај Евменов.