(ВИДЕО) Протестите се проширија низ цела Америка


Протестите поради смртта на Џорџ Флојд, Афроамериканец кој беше брутално задушен од полициски службеник во понеделникот во Минеаполис, се проширија низ цела Америка, од источниот до западниот брег на земјата.

Протестите и нередите поради расизмот и самоволието на униформираните лица ги вратија спомените од свежите изблици на гнев по случаите на полициско насилство и стрелби врз претставници на црномурестото население во Фергусон, Балтимор и Шарлот пред неколку години.

Синоќа, демонстрации и судири со полицијата имаше во Филаделфија, Питсбург, Мајами, престолнината Вашингтон, Атланта, Денвер и Милвоки, потоа во Чарлстон, Јужна Каролина, но и во Флорида, Тексас, Тенеси, Охајо и Јута.

Полицискиот час продолжи во Минесота, а беше воведен и во Луисвил, Кентаки, каде гневот беше изразен поради неодамнешната смрт на црномуреста жена од страна на полицаец, во инцидент што се случил во домот на жената.

Во Њујорк, во Бруклин и Менхетен, илјадници протестираа и останаа до доцна вечерта, скандирајќи, барајќи правда, во судир со претставниците на законот. Гневните граѓани превртија стотина возила, 15 луѓе беа задржани.

Протести имаше пред градското собрание на Сан Франциско, толпа од илјадници го запре сообраќајот во центарот на Мајами, каде полицијата употреби солзавец.

Во Минеаполис, каде се случи убиството на Флојд, и град што настрада најмногу, синоќа помина петтата ноќ протести. Гувернерот на Минесота ја активираше Националната гарда, но не прифати помош од армијата и распоредување на воена полиција понудена од министерот за одбрана, Марк Еспер.

Околу три илјади протестанти се собраа и во Чикаго, палејќи знамиња, оставајќи зад себе запалени возила и графити со спреј на објектите.

Протести синоќа имаше во над триесет градови во САД. Протестантите го изразуваа својот гнев поради самоволието на униформираните лица, а во некои случаи ним им се приклучуваа и локалните власти, како градоначалничката на Чикаго, Лори Лајтфут. Сепак, повика луѓето да се воздржат од насилство.

Слично, во Лос Анџелес, имаше протести како сеќавање на бруталното претепување на Родни Кинг од страна на полицијата во 1991 година.

Во некои градови властите предупредија дека во мирните протести се инфилтрираат екстремисти, дојденци од други градови за да прават неред и да нанесуваат штети.

Претседателот Доналд Трамп вети дека ќе го „запре колективното насилство“ по неколку ноќи насилство и вандализам на улици во САД. Toj во неколку наврати ја осуди „трагичната“ смрт на Џорџ Флојд и оцени дека насилните демонстранти го срамотат споменот за тој човек.

-Не смееме да дозволиме мала група криминалци и вандали да ги уништат нашите градови, рече Трамп, осудувајќи ги „групите на екстремно радикалната левица“ и особено групата „Антифа“.

Покрај длабоката фрустрација од несразмерната полициска бруталност против афроамериканската заедница, насилството експлодираше и заради социјалната изолација наметната од пандемијата на коронавирусот што остави милиони луѓе без работа и повторно несразмерно ги зафати сиромашните и малцинствата.

Гувернерот на Минесота, Тим Волц, исто така, ги осуди елементите што ги нарече анархисти кои сеат немири, но и бели расисти или шверцери на дрога.За да ја врати контролата, тој најави мобилизација на 13.000 припадници на Националната гарда и побара помош од Министерството за одбрана, што е првпат по Втората светска војна Националната гарда да биде ставена во подтовена состојба.

-Ние сме под напад, а распоредувањето е потребно заради надворешните агитатори кои ја користат смртта на Флојд за да сеат хаос, рече тој.

Американскиот државен обвинител Вилијам Бар исто така ги обвини екстремистичките елементи кои поттикнуваат насилство, но ниту тој ниту Волц не дадоа докази за нивните тврдења дека политичката опозиција стои зад сето тоа, јави АФП.

Групи незадоволни граѓани имаше на протести  и во Вашингтон пред Белата куќа. Тие извикуваа „Животите на црнците се важни“ (black lives matters) и се соочиja со полицајците опремени со штитови и полиција на коњи пред оградата на Белата куќа.

-Голема толпа, професионално организирана, но никој не се доближи до оградата. Ако го сторат тоа, ќе бидат пречекани со најопасните кучиња и најопасното оружје”, рече Трамп и додаде: “Многу прикриени агенти само чекаат на тој чекор”.

Во Њујорк беа приведени повеќе од 200 лица, а неколку се повредени меѓу полицајците. Молотов коктел беше фрлен врз полициско возило и „вистинско чудо никој не е убиен“, рече командантот на полицијата Дермот Шеа.

Во Атланта и Мајами, толпите запалија полициски возила.Во Лос Анџелес, повредени се пет полицајци, а неколку стотици лица беа приведени за ескалација, палење продавници и грабежи, особено во луксузни продавници во Беверли Хилс.

Флојд ќе биде погребан во Хјустон, неговиот роден град. Демонстрантите сакаат силите за спроведување на законот овојпат да бидат одговорни за насилната неоправдана смрт откриена со видео кое беше споделено во светот.

Полицаецот кој го уби Флојд,  Дерек Шовин е уапсен, но Американците сакаат неговото обвинение да биде за убиство со предумисла и да бидат уапсени тројцата други полицајци кои учествува при апсењето.

Во Бруклин во Њујорк, видео покажува како полициско возило влета во толпата демонстранти.

-Можеше да бидат убиени и не знаеме колкумина се повредени, рече конгресменката Александрија Окасио-Кортез на Твитер, барајќи од полициските службеници во Њујорк кои го сторија тоа да бидат изведени пред лицето на правдата.

На прес-конференцијата, градоначалникот на Њујорк, Бил де Блазио, навести дека демонстрантите се виновни.

-Видеото е вознемирувачко и посакувам полицијата да не го сторела тоа, рече Де Блазио, додавајќи, „Но, тие сфатија дека не се првите што почнаа. Ситуацијата е предизвикана од група демонстранти кои нападнаа полициско возило“.

Градоначалникот на Нешвил, во Тенеси, прогласи вонредна состојба, откако демонстрантите ја запалија судницата. Протестите во градот првично беа мирни, но станаа насилни во текот на вечерта, кога демонстрантите започнаа да кршат прозорци на владините згради. Полицијата одговори со солзавец, а гувернерот на Тенеси ја мобилизираше Националната гарда. Неколку полициски возила беа оштетени во Чикаго, додека најмалку едно е запалено. И властите  во Филаделфија соопштија дека мирните протести ескалирале во насилство, при што најмалку 13 полицајци се повредени и регистрирани се пожари и грабежи во центарот.

Во Тулса, Оклахома, на местото на масакрот на афроамериканците во 1921 година, кога беа убиени до 300 луѓе, демонстранти ги блокираа раскрсниците и го извикуваа името Теренс Крачер, Афроамериканец, кој беше убиен од полицаец во 2016 година. Во Мајами, Флорида, мирни протести ескалираа во насилство откако демонстранти запалија полициски возила. Според очевидци, полицијата испукала солзавец   за да ја растераат толпата. Во Талахаси, исто така на Флорида, камион влета во демонстрантите, но нема сериозни повреди. Полицијата го уапси возачот.

Во Колумбија, Јужна Каролина, еден локален известувач на ТВ станица беше повреден кога главната полициска станица беше каменувана. Неколку стотици луѓе учествуваа на протестите.Во Лос Анџелес, пак, полицијата користеше гумени куршуми за да ја растера толпата. Уништено е најмалку едно полициско возило