Шведска купува четири воени фрегати од Франција за 3,65 милијарди евра
Стокхолм – Шведска денеска официјално објави дека го избра францускиот производител „Навал Груп“ (Naval Group) за испорака на четири нови фрегати за потребите на својата воена морнарица, зделка со вкупна вредност од околу 40 милијарди шведски круни (3,65 милијарди евра), при што првата испорака се очекува во 2030 година.
– Купувањето на фрегатите од моделот „Француска одбрана и интервенција“ (FDI) ќе претставува најголема шведска воена инвестиција уште од 1980-тите година – соопшти премиерот Улф Кристерсон на прес-конференција. Шведска забрзано ја засилува својата војска откако Русија ја започна инвазијата врз Украина. Оваа нордиска земја по забрзана постапка стана членка на НАТО, а новите фрегати значат значително проширување на нејзините одбранбени капацитети на море.
Владата побара самите пловила да бидат компатибилни со неколку системи за вооружување развиени во Шведска, вклучувајќи го и оној на домашната компанија „Сааб“, појасни министерот за одбрана Пал Јонсон. Тој додаде дека секој брод поединечно ќе чини околу 10 милијарди шведски круни (915 милиони евра), во зависност од конкретното вооружување на него, а првата испорака се планира за 2030 година.
Десничарската влада на Шведска, која важи за еден од најцврстите поддржувачи на Украина во Европа, соопшти дека очекува уште во 2030 година да ги достигне целите на НАТО за воена потрошувачка од 3,5 отсто од БДП, што е неколку години пред рокот наметнат за остатокот од Алијансата. Новите фрегати се сметаат за клучна компонента за шведската воздушна одбрана и за заштита на Балтичкото Море.