Маѓар ја избра Полска за прва официјална посета во странство
Варшава– Новиот унгарски премиер Петер Маѓар денеска пристигна во Полскаа на својата прва официјална посета во странство по преземањето на функцијата – избор со кој симболично се означува враќањето на Будапешта кон Европската Унија по долгогодишното владеење на Виктор Орбан.
Орбан со години беше во отворен конфликт со Брисел поради прашања поврзани со владеењето на правото и неговите блиски врски со Москва за време на војната во Украина. Односите меѓу Варшава и Будапешта дополнително се влошија по полските парламентарни избори во 2023 година, кога на власт дојде центристичката и проевропска влада на Доналд Туск, кој е цврст поддржувач на Киев. „Право и праведност“.
Оваа недела во Будапешта се очекува да пристигне делегација на Европската комисија, а Маѓар се надева дека за време на посетата на Брисел следната недела ќе постигне договор со претседателката Урсула фон дер Лајен за одмрзнување на милијардите евра, кои беа блокирани поради прекршување на владеењето на правото од страна на владата на Орбан. За ова прашање Маѓар ќе побара поддршка од својот полски колега Туск, чиј поранешен шеф на кабинет од времето кога беше претседател на Европскиот совет (2014-2019), Пјотр Серафин, сега е еврокомесар за буџет.
Маѓар попладнево пристигна во јужниот полски град Краков, каде што се сретна со архиепископот Гжегож Риш и положи венци на спомениците на поранешниот папа Јован Павле Втори и на поранешниот полски крал со унгарско потекло, Стефан Батори.
Унгарскиот премиер изјави дека лично одлучил прво да го посети Краков, изразувајќи задоволство што односите меѓу двете земји се враќаат на заслуженото ниво и најави зајакнување на соработката во рамките на Вишеградската четворка, која според него, би можела да се прошири и со други земји, вклучувајќи ја и Австрија.
Утре во Варшава Маѓар ќе се сретне со премиерот Туск, како и со претседателот Карол Навроцки, средба која се очекува да биде деликатна бидејќи Навроцки во кампањата отворено го поддржуваше Орбан.
Унгарскиот премиер, кој е придружуван од шестмина министри, меѓу кои и министерката за надворешни работи Анита Орбан, утре ќе го посети и Гдањск каде ќе се сретне со нобеловецот Лех Валенса, а навечер заминува за Австрија.