Протест на вработени во Мајкрософт против договори со израелската војска

Вработени во „Мајкрософт“, заедно со поранешни колеги и активисти од локалната заедница, синоќа окупираа дел од глобалното седиште на компанијата во Редмонд, Вашингтон, протестирајќи против партнерството со израелската војска, јавија американски медиуми.
Весникот „The Verge“ објави дека околу 50 демонстранти поставиле шатори и изложба на „Ист кампус плаза“, која ја преименувале во „Плоштад на палестинските маченички деца“.
Групата „No Azure for Apartheid“ сподели и видео на платформата Икс, прогласувајќи ја локацијата за „ослободена зона“. Тие побараа „Мајкрософт“ да ги раскине договорите со израелската војска и поставија маса на местото на протестот, повикувајќи ги раководителите на компанијата на преговори.
Во соопштение, групата истакна дека секојдневно, во последните 22 месеци, оружје за масовен надзор, управувано со технологии на „Мајкрософт“, било користено за олеснување на бомбардирањето и убивањето на Палестинци во Газа.
Во април двајца вработени јавно ги прекинаа говорите на извршниот директор Сатја Надела и на првиот човек на Microsoft AI, Мустафа Сулејман, критикувајќи ја улогата на компанијата во снабдувањето на Израел со технологија. И двајцата подоцна беа отпуштени.