Просечната нето-плата во март 28.217 денари, за 6,8 отсто повеќе од лани


Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во  март 2021 година изнесува 28.217 денари и бележи раст во однос на март лани од 6,8 отсто, објави  Државниот завод за статистика.

Според објавените податоци ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите уметност, забава и рекреација за 17,9 отсто, дејности на здравствена и социјална заштита за 12,3 отсто и информации и комуникации за 12,1 отсто.

Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите рударство и вадење на камен за 14,9 отсто, дејности на здравствена и социјална заштита за 5,3 отсто и градежништво за четири отсто.

Според податоците на Државниот завод за статистика,  просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во  март 2021 година изнесува 42.097 денари.

Податоците за порастот на просечната плата го коментираа и од Владата од каде што наведуваат дека зголемувањето изнесува 1.795 денари за една година.

-Oд почетокот на годината се забележуваат позитивни движења во економијата. Тоа најдобро може да се види преку приходната страна на Буџетот. Владата континуирано креира поволен деловен амбиент за раст и развој на стопанството, како и на севкупната економија. Покрај растот на просечната плата, расте и извозот, индустриското производство, внатрешната трговија, дополнително расте и кредитирањето како на домаќинствата, така и на корпоративниот сектор, истакнуваат од Владата и додаваат дека ваквите позитивни движења во економијата, даваат сигнал на стабилизирање и раст, кој согласно владините проекции ќе изнесува 4,1 отсто за 2021 година.