Промена


ЛЕЈЛА САБИТ

Сега, во екот на коронавирусот, ја гледате кај себе, околу себе или кај другите.

Драстична, минимална, човечка, локална или глобална.

На лицето, на телото, во карактерот, во стилот, во исхраната, во размислувањето, во однесувањето, во животот и во кариерата.

Ви велат дека сте се промениле, вие велите другите се промениле, а всушност, сите сме се промениле.

Во Македонија сите се плашат од промени, и сега, никој нема да ви признае години, кеш во банка, неверства, сексуална определба, здравствена состојба ниту естетски интервенции на лицето.

Се се гледа, се знае и се дознава, ама без докази немате „кривично дело“.

Промената може добро да ви дојде, а може и не.

Во вистински или во погрешен момент.

Од вистински или погрешни причини, идеи и влијанија.

Покрај вистински или погрешни луѓе.

За вистинска или погрешна цел.

Промената некогаш ја очекувате, а некогаш ви тропа на врата како неканет гостин.

Кога ќе дојде како гром од ведро небо сакате да продолжите да гледате со розови очила, ама не можете да ги затворите очите пред несигурната сегашност и иднина.

И пролетта пристигна како дама со променливо расположение, прво не погали со сончевите зраци па не освежи со бели снегулки.

Сега, за промена, седиме дома, одмараме или работиме од далечина, и животот ни минува покрај прозорецот или балконот.

Некој се навикна, а некој никако да се навикне.

И ова чудо ќе помине, ама и ние и светот нема да бидеме исти.

Ќе останат лузни кои ќе не потсетуваат дека ништо не е вечно, дека секој момент е важен, а најважни се здравјето, разумот и солидарноста.

Што уште ни треба, ако сме со блиските?