Пролетни економски прогнози: ЕУ предвидува раст од 3,7 отсто за Македонија

Македонската економија годинава ќе има раст од 3,7 отсто, предвидува Европската комисија во Пролетните економски прогнози објавени денеска. Слична стапка за раст на БДП (3,8 отсто) се предвидува и за наредната година.
Во делот за нашата земја се посочува дека економскиот подем нагло запре во 2020 година, бидејќи пандемијата ги погоди домашната и странската побарувачка.
„Во текот на 2021 и 2022 година, закрепнувањето се очекува да ја врати цврстата основа. Растот на реалниот БДП во просек би бил 3,7 отсто“, се вели во пргнозата при што се додава дека надворешниот сектор веројатно нема да придонесе за раст.
Во однос на јавните финансии се предвидува нивно подобрување во согласност со економското закрепнување и постепеното укинување на фискалната поддршка. Исто така се забележува дека контракцијата на економијата минатата година била помала од предвидената, односно дека падот на БДП од 4,5 отсто е нешто помал отколку што беше предвидено во есента 2020 година.
Тоа, според ЕК, се должи делумно на владините мерки за поддршка и монетарното и регулаторно олеснување.
Сепак, целосно закрепнување се очекува во 2022 година, односно економијата ќе закрепнува побавно отколку што се очекуваше претходно. Во таа насока упатуваат повеќе индикатори, како индустриското производство, кои испраќаат мешани сигнали на почетокот на 2021.
„Додека закрепнувањето е веројатно дека ќе добие брзина во текот на 2021 година, водено од домашна побарувачка, производството се очекува да се искачи над нивото пред кризата во текот на 2022 година“, се вели во прогнозите.
Со натамошното укинување на рестриктривните мерки, трошењето на домаќинствата се предвидува да се зацврсти и да забрза во 2021 и 2022 година, поддржано со понатамошно зголемување на платите, вработеноста и зголемување на дознаките. Инвестициите се очекува да бидат зголемени барем со делумно реализирање на владините амбициозни планови за инвестирање во патната и во железничката инфраструктура и во делот на комуналните услуги.
Исто така, закрепнувањето на странската побарувачка, особено од Германија и од Кина, поддржано од обновување на синџирите на снабдување, ќе го поттикне растот на извозот. Сепак, екстерната рамнотежа веројатно ќе го намали растот во двете години, како резултат на силната побарувачка за увоз, поради зголемената домашна побарувачка и увозно зависното производство за извоз.
Во однос на пазарот на трудот, во Пролетните прогнози на ЕК се вели дека владините
субвенции придонеле загубите да бидат ограничени, иако имало загуби на работни места, што придонесе стапката на невработеност да се зголеми во споредба со
една година порано. Со зацврстување на закрепнувањето и продолжување на поддршката за работодавците и работниците вработувањето веројатно ќе се зголеми со забрзано темпо.
Инфлацијата се зголеми во втората половина на 2020 година, најмногу поради повисоките цени на храната и горивата, вклучително и повисоките акцизи на нафтените производи и цените на струјата во август.
Во делот за нашата земја исто така се посочува и зголемувањето на јавниот долг, како одговор на финансирањето на кризата. Во согласност со економското закрепнување, јавните финансии се очекува да се подобрат во однос на хоризонтот на предвидувања, се вели во Пролетните прогнози. Трансферите и трошоците поврзани со кризата се предвидува постепено да опаѓаат, додека капиталните расходи се очекува да пораснат
значајно.
Као заклучок, се наведува дека ризиците се во надолна линија, но фискалните перспективи може да бидат влошени во случај ако се потребни понатамошни мерки за поддршка или поради слаба посветеност реформи кај јавните финансии или поради плановите за даночно олеснување.
Од друга страна, брзото спроведување на клучните одредби на новиот закон за буџети и неодамнешниот акционен план за управување со јавни инвестиции може да ги подобри изгледите, се наведува во Пролетните прогнози на ЕК, во делот посветен за нашата земја. (М.Ј.)