Претседателскиот праг мора да се преиспита

Во самите почетоци на независноста, кога се подготвуваше Уставот на Македонија,  неговите творци не помислувале дека високиот праг за избор на шеф на државата веќе во новата декада ќе стане тешко достижен и ќе отвори простор за разни политички маневри и пазарења. Оттогаш поминаа безмалку 28 години, така што во меѓувреме цензусот во вториот круг за избор на шеф на државата беше намален од 50 на 40 отсто. Сепак, во ова предизборие, како никогаш досега се присутни стравувања од неуспех на изборите за шеф на државата, особено по лошото искуство со референдумот за името пред осум месеци кога, главно поради опозицискиот бојкот, на гласање излегоа само околу 37 отсто од избирачите. Соочен со можност од нов опозициски бојкот, премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, ја остави деновиве отворена вратата за нова интервенција во Уставот. Во емисија на ТВ 21, Заев рече дека за ова прашање веќе се консултирал со министерката за правда Рената Тренеска-Дескоска.

– Се консултирав со Дескоска, која е прв правник во Владата. Ми рече дека преку промена на Уставот може да се избере претседател на државата на два начина – или да се тргне цензусот или да се изгласа претседател во самото Собрание – рече Заев. Сепак, тој верува дека на 5 мај ќе биде постигната излезност од над 40 проценти и дека ќе биде избран петтиот претседател на државата.

– На референдумот имаше 37 отсто излезност и тоа со болно прашање за македонската етничка заедница. Дури и со бојкотирање ќе може да се исполни цензусот. Но, јас не верувам дека опозицијата ќе бојкотира – изјави Заев. Тој ѝ порача на опозицијата да учествува во вториот изборен круг, за да не предизвикува нова политичка нестабилност во земјата.

Ризикот државата да остане без претседател првпат поизразито се почувствува за време на вонредните избори во 2004 година, така што до ден-денес остана недообјаснето  какви договори се правеле меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за да се достигне тогаш уште повисокиот цензус од 50 проценти и Бранко Црвенковски да биде избран на функцијата. Веќе на следните избори во 2009 година, кои се одржуваа заедно со локалните избори, се покажа дека цензусот бил намален во вистинско време, затоа што во последен момент едвај се достигнаа 42,6 отсто одѕив, иако во првиот круг имаше дури седум кандидати и најмногу досега.  Пет години подоцна, ситуацијата од аспект на одѕивот  се смени драстично, со оглед на тоа што во вториот изборен круг, кој се одржуваше заедно со вонредни парламентарни избори, на гласање излегоа 54,3 проценти од запишаните избирачи. Тогаш Ѓорге Иванов беше реизбран на функцијата и однесе победа над Стево Пендаровски, но тогашната опозиција не ги призна ниту претседателските, ниту паралелните парламентарни  избори.

Аналитичари и професори што ги консултиравме посебно го истакнуваат фактот дека во првите циклуси непосредни избори за претседател цензусот, иако уште повисок, не претставуваше толку голем проблем како сега. Велат дека прагот е поврзан со легитимитетот на еден од носителите на извршната власт, така што сегашното решение во суштина е добро, но проблемот е во досегашните политички елити кои со своите политики придонесоа за нарушување на кредибилитетот на  функцијата. Поради тоа, потребна е поопсежна дебата во врска со моделот на избор на претседател за да не се влезе во повторувачки изборни циклуси за формално највисоката функција во државата. Во секој случај, евентуалните промени во моделот, независно од тоа дали би се одело на намалување или бришење на цензусот или на избор во парламентот, ќе мора да се изведат преку уставни измени, така што претходно ќе треба да се постигне  политички консензус.

Можната промена на моделот би била долг процес што може да трае повеќе од половина година, што, пак, е најдолгиот можен рок во кој претседателот на парламентот би можел да биде и в.д. шеф на државата. Според тоа, во случај на неуспех на претстојните избори, во што поскоро време ќе треба да се повтори целиот изборен процес, без гаранција дека повторените избори ќе бидат успешни.

На избор на претседател во парламентот особено се спротивставува претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, како професорка по уставно право. Таа смета дека е потребно да се избрише цензусот во вториот круг, додека евентуалниот избор на претседател во Собранието смета дека би се претворил во политички пазар. На централниот митинг во Скопје таа повика на масовна излезност на изборите, за, како што рече, да не му се остави простор на владејачкото мнозинство да го смени Уставот.

Македонија редок пример со цензусот

Германија, Италија, Грција, Албанија, Унгарија, Естонија, Летонија, Косово…, се примери на држави чии претседатели се избираат во парламентот. Во повеќе држави во Европа претседателите, сепак, се избираат на непосредни избори, почнувајќи од Франција, Полска, Португалија, Финска, Чешка, Словачка, Австрија, Кипар,  Турција, па до Србија,  Бугарија,  Хрватска, Словенија, како земји од нашето опкружување. Во некои од овие држави воопшто нема цензус за избор на претседател, при што највпечатлив пример е Франција, каде што во вториот круг победува кандидатот што ќе добие повеќе гласови. Во други земји има цензус, но значително понизок од македонскиот.  И Венецијанската комисија ја посочува Македонија како редок пример на држава со толку висок цензус за избор на претседател во вториот круг. Во извештаите на набљудувачките мисии за време на изборите во земјава, исто така, има препораки за преиспитување на цензусот. Александра М. Митевска