Филипче му честиташе на Маѓар за премиерската функција: „Ние во Македонија водиме иста борба“
Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска му честита на Петер Маѓар, кој положи заклетва и стана нов премиер на Унгарија, соопштија од СДСМ. Пораката Филипче ја објави на социјалната мрежа Икс (X).
„Иако нашите партии не се од иста идеологија, нè спојува демократијата и заедничката борба против автократските режими.
Вие и вашата партија Тиса ја ослободивте Унгарија од авторитарниот и корумпиран режим, ѝ го вративте достоинството, го отворивте патот кон вистинска демократија и ја вративте надежта на своите граѓани.
Ние во Македонија водиме иста борба. Како и вие, се спротивставуваме на истиот тип на корумпиран, авторитарен и антиевропски модел на власт.
Како и вие, веруваме дека промената е возможна и дека никој не смее да биде над законот“, се вели, меѓу другото, во пораката.