Преспанското Езеро на чекор до еколошка катастрофа


Езерото на некои места е повлечено и до 200 метри од брегот

Недостатокот на вода и прекумерната употреба на хемиските средства во овошните насади засекогаш ќе го нарушат екосистемот на Преспанското Езеро. Доколку пресушат изворите за 75 години ќе го изгубиме и Охридското езеро

 

Адријана Митевска

Сушата и климатските промени, човечката негрижа и неодговорност речиси го преполовија Преспанското Езеро. Апокалиптични слики на езерскиот брег, научниците бараат одговор што е тоа што години наназад ја голта водата од овој езерски басен распространет во три држави. Иако сите нудат различни теории едно е заедничко – дека никогаш досега не се памети толкаво повлекување на водата како зимава, кога премерувањата на Хидробиолошкиот завод достигнаа и до 200 метри во должина на различни крајезерски предели и околу четири метри во висина.

Вообичаено езерото се полни со вода од снегот и дождовите кои, пак, ги полнат водите на реките на најголемите планини, Галичица и Баба, а тие потоа се влеваат во Преспанското Езеро. Но оваа сезона снег на нив речиси и да немаше.

Брегот преполовен, местата кои пред години беа под вода сега се калливи мочуришта. Ваквата драматична ситуација ги исплаши жителите на Преспа, но и рибарите на кои овој природен басен им е главната егзистенција. Тие стравуваат дека ако езерото и понатаму продолжи да ја губи водата, на повидок е помор на животинскиот свет. Освен тоа, ќе секнат и природните извори за наводнување на јаболковите  насади во Преспа.

Концесионерот на езерото, Наумче Ставрески, смета дека главниот виновник се            климатските промени, но и негрижата за езерото. Тој вели дека езерото го задушуваат и големите количества вештачки ѓубрива и хемикалии од насадите кои ги носат подземните води, но го убива и децениското неправилно менаџирање со водата.

„Она што мене ме загрижува е дека во изминатиот период од 70-80 години кога е почнато овоштарството во Преспа, употребата на вештачките ѓубрива се зголеми во енормни количества кои денеска се наталожени во огромен процент на дното на езерото, а со тоа неконтролирано расте микро и макро флората којашто може да предизвика еколошка катастрофа и изумирање на животинскиот свет. Во најдлабоките точки на дното имаме веќе  тревни маси со висина од 15-20 метри и тоа е алармантно. Мора да имаме издржани студии за целата ситуација. Немаме снежна маса која ни е потребна за вода, но немаме ниту експертска студија за езерото веќе 40 години, што е катастрофа. Мора да се направи студија да видиме до каде сме, што сме и како да се заштитиме“, вели Ставрески.

Во Преспа 95 отсто од населението се занимава со градинарство. Неколку еколошки истражувања, меѓу кои и мониторингот на УНДП, покажуваат дека загадувањето преку хемикалиите е енормно. По климатскиот фактор на езерото најмногу му штети ѓубривото од јаболковите насади. Не само што му штети, туку и го старее. Над 10.000 тони биоразградлив отпад се фрлаат во регионот, само домаќинствата и земјоделството испуштаат над 500 тони фосфор, стои во истражувањата на УНДП. Сепак, како најголема закана за целиот екосистем во Преспанскиот регион е посочена еутрофикацијата како процес на збогатување на водите со материи кои содржат азот и фосфор, каков што е случајот во Преспа. Тие го забрзуваат растењето на штетни алги во езерето кои влијаат врз балансот на екосистемот, а нивната распространетост е  еден од најголемите негативни ефекти кои предизвикуваат изумирање на рибите и исчезнување на биодиверзитетот, посочуваат податоците на УНДП.

Причините за загубената вода

Експертската фела проблемот го проучува и од друг агол.                                            Проф. Здравко Крстаноски, поранешен директор на Хидробиолошкиот завод во Охрид,  смета дека водата од Преспанското Езеро ја голтаат неколку кинески пумпи поставени на трите страни на природниот ресурс.

„Ова езеро се наоѓа на 150 метри повисоко од Охридското Езеро, односно некаде на 850 метри надоморска висина и нема подводни извори. Околу 50 отсто од водата преку варовничката Галичица доаѓа во Охридското Езеро преку светинаумските извори и Тушемишта. Еден од драстичните примери на човечката несовесност е користењето на водата од езерото преку моќни кинески пумпи кои се наоѓаат на македонска, албанска и грчка страна. Овие моментални дождови не се спас за вода. Спас се снежните врнежи кои за жал ги нема подолг период. Таков проблем би се јавил и со Охридското Езеро, а сето тоа зависи од истекот на Охридското Езеро преку Црни Дрим, односно преку нерегулираниот истек. Затоа треба да се регулира истекот на Охридското Езеро од Црни Дрим и да се изгради софистициран регулаторен систем, а не овој со талпи кои се вадат по потреба на ЕЛЕМ“, нагласува Крстаноски.

Ако не се преземат итни мерки, Преспанско Езеро може да изумре. „Езерата се творби кои еднаш геолошки се создале и постепено изумираат, а човекот со своите активности во негативна конотација би го забрзал тој процес на изумирање. Инаку, кога Охридското Езеро не би имало подводни и површински извори би се испразнило за 75 години“, додава Крстаноски.

Намалувањето на водата во Преспанското Езеро трае со години, но најевидентно беше оваа сезона, вели екологистот Ѓоко Зороски. Климатските промени што ни претстојат, вели тој, допрва ќе го сушат езерото, затоа е потребно трите држави да седнат на заедничка маса и да донесат закон кој ќе го ограничи испумпувањето на водата.

Без заедничка акција на Македонија, Грција и Албанија водите во езерото нема да се вратат

„Виновници сме и ние и Грција, бидејќи има неконтролирано испумпување на водата, било да е тоа од артерските бунари, било да е директно од езерото, со што се намалува неговиот волумен. Преспанското Езеро во својата историја има забележано намалување на нивото на водата. Причина за ова е пред сѐ хидролошката состојба, но секако тука се и месните жители, односно неколкуте села од грчката страна кои што испумпуваат подземната вода и водата од Преспанското Езеро и со тоа само придонесуваат да се снижи водата во езерото. Доминантен фактор е сепак недостигот на вода, снегот не се задржа долго на планините и со тоа нема свеж прилив на вода, а тука се и големите карстни понори, па таа вода заминува преку Галичица во Охридското Езеро“, вели екологистот Зороски.

Властите во Општина Ресен состојбата на Преспанското Езеро ја следат во мониторинг  станицата за испитување на квалитетот на водите во селото Стење отворена во 2015    година. Од секторот за животна средина велат дека состојбата е загрижувачка, но трендот на опаѓање на нивото на водата трае со години. Според некои податоци, нивото на езерото во 1950-тите и 1960-тите години било повисоко повеќе од десет метри во споредба со сегашната состојба. Но, потенцираат дека тогаш имало периоди на големи поплави.

„Постојано сме во варијација. Нашата станица во Стење статистички покажува дека од 2007 до 2009-та година водостојот беше намален за  4,8 метри, таа ситуација се подобри во 2016 на 1,20 метар. Во 2019 дојдовме на 2,75 метри, а во јануари оваа година надмина минус 3 метри во висина. И тоа покажува дека се потребни сеопфатни мерки затоа што состојбата е сѐ поалармантна. Првенствено мора да се работи интензивно на одржливо управување со водата од страна на трите земји. Едно езеро, три земји. Од аспект на истекувањето, ни требаат сериозни научни анализи за да потврдиме дали водата оди кон Охридското Езеро, Албанија или Грција“, вели Ајман ал Мала од секоторот за животна средина при Општина Ресен.

Кои се решенијата за спас

Државата веќе најави низа залагања за спас на езерото. Министри, претставници на локалната власт, експерти и граѓански организации веќе разговараа за губењето на водите. Тие утврдиле дека главен фактори се временските прилики и наводнувањето на овошните површини, но и дека проблемот е меѓудржавен и Министерството за животна средина треба да формира работна група која ќе бара решенија.

„Она што може да се направи веднаш е во најкус можен рок да се формира експертска работна група, која ќе ги прибере и обработи сите постоечки податоци и ќе даде научна   проценка за причините за драстичното намалување на водостојот на езерото. Групата ќе  испита и ќе даде мислење дали покрај природните причини – долгиот сушен период кој се одрази врз нивото на водите не само на ова езеро, туку воопшто на водотеците во државата, има некои посериозни влијанија предизвикани од човечкиот фактор. За тоа беше заклучено дека придонес мора да има и од Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство. Неопходно е да се испита и да се дадат првични индикативни сознанија за можното влијание на земјоделието и користењето на бунарите за наводнување на земјоделските насади во оваа област. Истото ќе се испитува и во соседните држави“, потенцираа од Министерството за животна средина.

Екстемната употреба на вештачки ѓубрива за овоштарниците ѝ нанесе огромна штета на флората во езерото

Екологистите велат дека откако ќе се изготват студиите мора да се имплементираат      препораките за намалување на нивото на вештачки ѓубрива и хемикалии, а потоа да се поработи и на регулацијата на истекот на вода. Да се направи механизам кој ќе му помогне на езерото да си ја врати загубената површина, дури и во период кога се заканува уште поголема суша.

За езерото да успее да се врати во кондиција ќе треба многу време и акција на            многумина. Но и тогаш мали ќе се шансите Преспанското Езеро, како едно од најстарите сочувани тектонски езера во светот, споменик на природата и дом на 1.500 ендемски видови животни, да ги доживее златните 1960-ти години, кога според некои истражувања се претпоставува дека располагало со пет милијарди кубни метри вода, кои се преполовиле со неколкуте повлекувања што следувале.

Крикот за помош кој сега езерото го пушти е посилен од кога било.

(Сторијата е изработена во соработка со Македонскиот институт за медиуми – МИМ)