Премиерот не е загрижен ако СДСМ го напушти Собранието, реформите ќе продолжеле


Пратениците од коалицијата на СДСМ во Собранието (Фото: Б. Грданоски)

 

Нема да има политичка криза ако СДСМ го напушти парламентот, ниту застој на реформскиот процес. Ако некој одлучил да се маргинализира од политичката сцена, јас не можам да го спречам, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во врска со изјавите за напуштање на работната група за Изборен законик од претставниците на СДСМ. Опозициската партија не се согласува со законското решение за укинување на техничката влада. 

„Тие тоа го кажаа и тоа е нивна одлукам и јас тука не можам да се мешам. Тие не дојдоа на лидерска средба. Ги слушаме изјавите и интервјуата на СДСМ каде што тие велат дека се реорганизираат дека партијата е стабилна, цврста, дека секој ден им се приклучуваат нови луѓе, интелектуалци, професори и дека тие се сигурни дека ќе победат. На следните избори ќе има техничка влада. Тоа е нашиот предлог и тие ќе победат и веќе следните избори по нив кога ние ќе бидеме опозиција за нас ќе важи. Нема почесен од овој пристап“, рече Мицкоски, кој беше на увид на работите на Универзална сала во Скопје. 

Премиерот, како што рече, од најавите на еден пратеник на СДСМ, може да се очекува тие да го напуштат и Парламентот. „Може ќе да ги бојкотираат и следните парламентарни избори за ова раководство на СДСМ да остане. Ако некој одлучил да се маргинализира од политичката сцена, јас не можам тука да го спречам, рече Мицкоски. 

Па, потоа се наврати на 1994 кога ВМРО-ДПМНЕ ги бојкотираше изборите и рече дека „лошо помина“, бидејќи тогаш бил главниот удар на правосудниот систем во Македонија кога стотици судии во еден беа избрани во македонскиот парламент. 

Мицкоски не е загрижен ако СДСМ го напушти Собранието. Тој тврди дека како влада имаат повеќе од две третини во парламентот. „Како бројка формално не, но доколку бидеме предизвикани ќе ја формираме и таа бројка, а апсолутно не гледам како би имало застој на кој било реформски процес. Ние сме фокусирани на развој на државата, на реформи, на проекти како овој што некои се закочени богами и со децении. Ние не можеме да се занимаваме со политичкото мочуриште на опозицијата“, рече премиерот.