Преку дигитален идентитет ќе се потпишуваат договори и ќе се вадат документи


Граѓаните на Македонија наскоро ќе можат да го користат нивниот дигитален идентитет за да добијат некој документ од јавните институции, да потпишат договор или да поднесат барање за кредит, за картичка и за други банкарски услуги. За таа цел денес во Владата министрите за информатичко општество и администрација и за финансии, Дамјан Манчевски и Нина Ангеловска потпишаа меморандум за разбирање со менаџерот на Мастеркард за Бугарија, Македонија, Албанија и Косово, Вања Манова, со кој што се овозможува оваа меѓународна компанија позната по платежните картички, да ја воспостави современата технологија за дигитален идентитет. На потпишувањето присуствуваше и Чарлс Волтон, заменик претседател на Мастеркард за дигитален идентитет.
Се предвидува компанијата да вложи околу три милиони евра, а државата ќе овозможи користење на базите на податоци кои што ги има и ќе ја донесе неопходната законска рамка со која ќе се имплементира оваа новина. Со меморандумот за корисниците на порталот е-услуги се предвидени 5 бесплатни потпишувања за првите 150.000 корисници на е-владини услуги во текот на првите 12 месеци по официјалното отпочнување на акцискиот план.
Дигиталниот идентитет ќе функционира со помош на посебна апликација која што ќе може да се инсталира на мобилните уреди и преку читањето на повеќе биометриски информации ќе овозможи идентификација на корисникот. Посебен акцент се става на безедноста на личните податоци, кои, како што беше нагласено, нема да ги поседува компанијата, туку тие ќе бидат во посед на граѓаните.
„Сега за многу процеси, како на пример да се потпише или да се извади извади некој документ е потребно лично присуство за да се идентификува граѓанинот. Тоа важи не само за јавниот сектор, туку и за приватниот – ако менувате картичка во банка и треба да потпишете договор, потребно е да отидете лично. Со новата технологија за дигитален идентитет тоа ќе биде можно и без физичко присуство“, рече министерката за финансии, Нина Ангеловска.
Покрај дигиталниот идентитет, постојат и други начини и методи за идентификација, како на пример преку токени, или УСБ, така што практично станува збор за можност за избор на граѓаните кој начин ќе го користат. Дигиталниот идентитет се смета за една од најсовремените технологии за идентификација преку интернет. Меморандумот не спречува други заинтересирани компании да имплементираат слични или нови дигитални технологии за идентификација.
Одговарајќи на новинарски прашања, министерот Манчевски рече дека државата нема никакви издадоци и дека не станував збор за јавно-приватно партнерство.
„Проектот се имплемнтира од приватна компанија која нуди решение, опција за верификација на дигиталниот идентитет на граѓаните. Како што стои и во меморандумот таа е само една од опциите. Сите други постојни или можеби идни нови технолошки решенија од други компании кои што нудат ваков вид на услуги за граѓаните апсолутно ќе постојат на пазарот. Мастеркард препозна спремност од технолошки и од правен аспект во државата, но и спремност од банкарскиот систем, особено од страна на НБРМ, да се имплементира ова решение“, рече Манчевски.
За сега нема прецизна бројка колку компании ќе овозможат користење на дигиталниот идентитет. Од Мастеркард велат дека таква заинтересираност постои кај банките, но и кај други компании, како што се мобилните оператори и други со имаат и досега соработка.
„Имаме уверување од банките и од приватниот сектор дека ќе ја имплементираат ваквата услуга. Клучниот чекор беше потпишување на меморандумот со Владата, а следниот ќе биде потпишување меморандум со банките и со приватните компании, рече Манова.
Министерот Манчевски дополни дека во делот на јавните институции, дигиталниот идентитет, заедно со постојните опции, ќе може да се користи целосно преку платформата услуги.гов.мк.
Чарлс Волтон, заменик претседател на Мастеркард за дигитален идентитет рече дека со Меморандумот се отвора можност земјава да стане хаб за дигитална иновација, со воведување на услуги поврзани со дигитален идентитет и доверливи услуги кои се прифатени на локално, регионално и глобално ниво.
„Планираме да се движиме брзо и таквата иднина да ја претвориме во реалност во 2020 година. И тоа ќе го направиме на начин со кој се обезбедува луѓето да имаат ефектен и доверлив начин на интеракција со дигиталните служби, при што корисникот има контрола врз своите податоци со сигурност, приватност и доверба“, рече Волтон. (Н.В.)