Предавање на проф. д-р Стивен Малиндер за музичката култура во ерата на дигитализацијата


Утре, 1 декември, во 19 часот, Локомотива – центар за
нови иницијативи во уметноста и културата во рамки на програмата
“Музичка култура” Ви го претставува Проф. д-р Стивен Малиндер (Англија)
кој ќе одржи онлајн предавање на тема: Преправи-повтори-премотај: Може
ли минатото да помогне во навигацијата низ светот на звукот во новото
време? / [Prefix-Repeat-Rewind: Can the Past Help Navigating the World
of Sound in a New Age?

Со своето долгогодишно и професионално искуство како музички автор,
продуцент, издавач, радио уредник, истражувач и професор на
Универзитетот во Брајтон на програмата за додипломски и мастер студии за
Дигитална музика и уметност на звукот, Малиндер во предавањето ќе
сподели дел од неговото истражување поврзано со трансформацијата на
музичката култура во ерата на дигитализацијата. Предавањето ќе даде
осврт на тоа како промената во начините на креација и трансмисија на
музика во контекст на новите технологии, платформи за комуникација,
социјални мрежи и културни економии го редефинира односот помеѓу
знаењето и моќната и начинот на креирање заедници.

Предавањето ќе може да се проследи во живо, преку стриминг објавен на
Фејсбук страната на Локомотива. По предавањето ќе следи крака дискусија
во рамки на која заинтересираните слушатели ќе можат да му постават
прашање на гостинот.

Апстракт
Лично истражување од каде сме дојдени и каде би можеле да одиме.
По речиси 50 години работа и настапи – што може да научиме од минатото
за да го разбереме светот сега. Преминот кон дигитална екологија
влијаеше на секој аспект од нашите животи. Загубата на опипливите
компоненти што ја создадоа нашата врска со музиката – винил, ЦД-а,
уметнички дела, сувенири – се заменети со стриминг, алгоритми, вештачка
интелигенција, ехо комори на социјалните медиуми и неограничени содржини
во една нова економија. Музиката отсекогаш била суштински поврзана со
заедниците врзани со време и место. Со оглед на тоа што пандемијата го
збриша нашиот капацитет за движење и дружење, како може да ги славиме
идеите од минатото за заедница, идентитет, екстаза, опозиција и промени.
Поглед кон аспекти од минатото за да видиме што тоа може да нè научи за
сегашноста и блиската иднина.
Проф. д-р Стивен Малиндер

Биографија
Член-основач на пионерскиот електронски состав Cabaret Voltaire (основан
1973) – едно од клучните влијанија врз современата електронска и
популарна музичка култура – со повеќе од 30 студиски изданија за
еминетни дискографски куќи (Rough Trade Records, Factory Records,
Virgin, EMI, Mute Records).

Стивен работел и остварил повеќе турнеи во Европа, САД, Јапонија и
Австралија. Продолжува со снимање и турнеи како дел: Wrangler (чии 4-ти
студиски албум ‘A Situation’ излезе во 2020), Creep Show (кои во 2018 го
издаваат културниот албум ‘Mr Dynamite’), Hey Rube, Kula, и Cobby &
Mallinder. Во 2019 го издава вториот соло албум ‘Um Dada’, додека пак
Suction Records во 2020 го реиздадоа на винил неговиот прв соло албум
‘Pow Wow’ од 1985 г.

Соработувал со низа уметници и музичари, меѓу кои Африка Бамбата, Маршал
Џеферсон, Адријан Шервуд, а работел и со поетот Џон Џорно и со Вилијам
Бароуз на ‘Последната академија’ во 1980-те години.

Основал голем број на продуцентски компании и издавачки куќи, како
Doublevision; Plastex; и Off World Sounds (Австралија). Организирал
повеќе фестивали преку својата компанија Off World Productions
(Австралија). Интензивно работел и како радио продуцент, новинар и
радиоспикер во областа на електронската музика и на популарната култура.

Како академски професор објавил голем број на рецензирани трудови,
текстови, а има и докторат по музички култури. Во моментов работи во
Универзитетот во Брајтон, каде што предава на програмата за додипломски
и мастер студии за Дигитална музика и уметност на звукот. Покрај тоа,
одржува говори, панел дискусии и предавања на многу универзитети во
Велика Британија, како и конференции ширум светот.

Негови инсталации се прикажани во галеријата Тејт модерн (хала Турбини)
и во центарот Барбикан во Лондон. Исто така, видео снимки од Cabaret
Voltaire од 1980-те години се дел од колекцијата на МОМА (Музејот на
модерната уметност, Њујорк). Заедно со Мика Леви работат на развивање на
стари филмови кои никогаш не успеаја да се најдат на големото платно.
Работејќи со режисерката Теш Танг, проектот го реобмислува
научно-фантастичниот филм ‘The Tourist’ што се адаптира во живо, додека
филмот се составува во живо, како и настапот. Стивен неодамна соработува
со актерката Џејн Хорокс, со која создаваат фасцинантен перформанс,
користејќи впечатлив колаж од филм и електронски звук во живо, насловен
‘Cotton Panic!’ што беше премиерно прикажан пет вечери на Кампфилд
Маркетс како дел од Меѓународниот уметнички фестивал во Манчестер во
2017 година.
Повеќе информации на: http://blogs.brighton.ac.uk/dmsa/mall/ и
https://en.wikipedia.org/wiki/Stephen_Mallinder

*    *    *
Предавањето на Стивен Малиндер се реализира во рамки на програмата
“Музичка култура” како дел од проектот “Програма на Локомотива во Кино
Култура проектен простор за современи изведувачки уметности и современа
култура”, подржан од Министерство за култура на Република Северна
Македонија. Програмата “Музичка култура” е курирана од Виолета Качакова
а координирана од Зорица Зафировска. Програмата се реализира во
соработка ПМГ Рекордингс.