Пожари беснеат низ Шпанија; затворена дел од популарната патека за поклонение


Пожарите што беснеат во Шпанија се проширија на јужните падини на планинскиот венец Пикос де Европа во понеделникот, а властите затворија дел од популарната патека за поклонение Камино де Сантијаго.

Десетина пожари, поттикнати од 16-дневниот топлотен бран, опустошија повеќе од 115.000 хектари во регионите Галиција и Кастиља и Леон во текот на изминатата недела.

„Ова е ситуација со пожари каква што не сме виделе во последните 20 години“, изјави министерката за одбрана Маргарита Роблес за радиото Кадена СЕР. „Пожарите имаат посебни карактеристики како резултат на климатските промени и овој огромниот топлотен бран“.

Шпанската армија распореди 1.900 војници за да им помогнат на пожарникарите.

Автопатите се затворени, а железничкиот сообраќај е нарушен во областа, како и Камино де Сантијаго, древна патека за поклонение по која илјадници луѓе одат во лето.

Патеката ја поврзува Франција со градот Сантијаго де Компостела на западниот врв на Шпанија, каде што се вели дека се погребани останките на апостолот Свети Јаков. Властите во регионот Кастиља-Леон ја затворија патеката во област помеѓу градовите Асторга и Понферада, на околу 50 км оддалеченост, и им порачаа на планинарите да „не ги ставаат своите животи во опасност“.

Досега загинаа четири пожарникари.

Министерството за внатрешни работи вели дека 27 лица се уапсени, а 92 се под истрага под сомнение за палење пожар од јуни.

Јужна Европа доживува една од најлошите сезони на шумски пожари во последните две децении, а Шпанија е меѓу најтешко погодените земји.

Во Португалија, шумските пожари досега изгореа 155.000 хектари оваа година, според институтот за заштита на шумите ICNF – три пати повеќе од просекот за периодот помеѓу 2006 и 2024 година. Околу половина од таа површина изгоре во последните три дена.

Роблес рече дека ситуацијата веројатно нема да се подобри сè додека топлотниот бран, кој забележа температури кои достигнаа 45 степени Целзиусови, не почне да се смирува во понеделник навечер или вторник.

Топлотниот бран е трет најжежок од 1975 година, кога националната метеоролошка агенција почна да ги следи. Голем дел од земјата е под предупредувања за пожари.